Општини

Во Кичево зголемен бројот на пожари

Во 2017 година во Кичево има зголемен број на пожари во споредба со истиот период во изминатите две години, а најчеста причина е човекот, изјави денеска командирот на ТППЕ – Кичево, Горан Соколески.

Тој апелира за што повисока свест кај граѓаните во пристапот со околината и при евентуална појава на пожари граѓаните во кое било да ги контактираат на телефонскиот број 193.

– Од почетокот на 2017 година, па се досега имаме вкупно 79 пожари од кои 5 се технички интервенции. Од вкупниот број на пожари, 47 се на отворен простор, а 6 пожари се со поголема материјална штета. Во 2015 имавме вкупно 71 интервенција, додека во 2016 вкупно 65 интервенции. Ако гледаме компаративно и ги споредиме овие три години во истиот период ќе видиме дека има зголемување на пожарите на отворен простор во 2017, рече Соколески.

За 99 отсто од пожарите кои настануваат најчеста причина е човечкиот фактор, додека за еден процент причина се електричните уреди, инсталации, плински боци и др., потенцира командирот Соколески.

Тој истакна дека најголемиот број на пожари се случени од невнимание. Постојат случаи каде човекот со намера предизвикал пожар, но тоа е мал процент.