понеделник, 21. мај 2018. Вести денес: 138
home Општини

ВМРО-ДПМНЕ Гевгелија: Со доаѓањето на СДСМ на власт македонскиот народ повторно почна економски да осиромашува

ВМРО-ДПМНЕ Гевгелија: Со доаѓањето на СДСМ на власт македонскиот народ повторно почна економски да осиромашува

Изминаа 8 месеци откако СДСМ ја превзеде власта во Рeпублика Македонија и 100 дена откако СДСМ владее на локално ниво во Општина Гевгелија. Во изминатите 8 месеци ги изнаслушавме високите функционери од власта како секој ден повторуваат: „Ќе дојде подобар живот, имаме визија, ќе направиме“. И притоа заборавија дека се на власт, а не опозиција, истакна Андон Сарамандов, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Гевгелија.

-Подобар живот не дојде, но има задолжување од 1 милијарда и 300 милиони евра, имаме поскапа цена на нафтата, имаме поголеми даноци и има воведување нови категории даночни обврзници. Со доаѓањето на СДСМ на власт македонскиот народ повторно почна економски да осиромашува. Не требаше да помине многу време да сфатиме дека единствена причина поради која СДСМ дојде на власт е нивната визија, а тоа е распродажба на македонскиот идентитет за краток временски период. Тоа сега им е јасно дури и на активистите и симпатизерите на СДСМ кои сега се чувствуваат изневерено, рече Сарамандов и додаде:

„Во овие 8 месеци започнаа со реализација на 2 проекта во општина Гевгелија: едниот е поврзан со добиениот грант од КФВ банка во износ од 2.500.000 евра за програмата за водовод и канализација во Општина Гевгелија, а другиот е уредување на излетничкото место Динќут кое започна со реализација пред некој ден. Да ве потсетиме, овие два проекта се добиени во време кога локалната власт во општина Гевгелија ја практикуваше ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните тоа го знаат и очекуваат од Вас нови и оригинални проекти“.

Во оваа прилика, подвлече тој, би сакал да ги прашам Градоначалникот на Општина Гевгелија, господинот Сашо Поцков, и претседателот на советот на општина Гевгелија, господинот Ташко Дојчинов:

-Вие бевте најголеми противници на изградбата на мини депонијата од времен карактер во атарот на с.Ново Конско! Наспроти тоа, сега организирате прес конференции каде што потенцирате дека таа ќе биде модерна времена депонија за комунален отпад во општина Гевгелија. Заборавате дека токму Вие тврдевте дека со нејзината изградба ќе се загрози бунарското подрачје кај с.Моин и ќе се уништи животната средина во потпланинскиот реон на Кожуф? Ако не е така, дали тоа ќе значи дека ова е уште еден превземен успешен проект од периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ? Втора работа господо од СДСМ, која е причината поради која  вработените во детските градинки во општина Гевгелија во месец јануари  немале здравствено осигурување и биле принудени да се лекуваат на приватно? Кој и зошто им се заканувал на вработените да молчат и да го прикриваат овој пропуст на надлежните?  И трета работа во понеделникот во основното училиште „Крсте Мисирков″- дојде до бојкот на наставата во некои паралелки? Зошто се менуваат наставни кадри на сред учебна година?, запраша Сарамандов.

Дали емоциите, потенцираше, на нашите деца се помалку важни од поставувањето на партиски војници на местото на долгогодишни стручни и просветни работници? Како на родителите сега ќе им го објаснат тоа на нивните деца?

-Бркањето од работа од училиштата, од градинките и од другите установи, нема да донесе подобар живот, напротив последиците од вашите погубни политики ќе ги почувствуваат сите граѓани на Општина Гевгелија. Наскоро, граѓаните на Општина Гевгелија, поточно граѓаните на Гевгелија, Богородица и Миравци ќе ги добијат новите сметки за вода кои ќе бидат повисоки за над 50% од досегашните, откако советниците на СДСМ ја изгласаа оваа одлука на последната седница на советот на општина Гевгелија одржана во 2017 година. ВМРО-ДПМНЕ ќе биде гласот на јавноста и главен коректор на сегашната власт, како на локално, така и на централно ниво ќе застанеме на патот на сите погубни политики на оваа власт.