Општини

Ученици од Крива Паланка и Јажинце во проект за меѓуетничка интеграција

Стотина ученици од основните училишта „Илинден“ од Крива Паланка и „Симче Настовски“ од Вратница денеска се дружеа на финалната активност од проектот за Меѓуетничка интеграција во образованието (МИО).

 

– Во училишниот двор учениците и нивните ментори засадија цвеќе, а потоа дружењето продолжи во спортската сала каде беа одиграни и два натпревари во фудбал и кошарка. Проектот се имплементира трета година. Две години беше поддржан од УСАИД, а годинава е под покровителство на Министерство за образование и наука на РМ, изјави директорот на ООУ „Илинден“, Оливер Дејановски.

На годишно ниво проектот се финансира со 30.000 денари, а активностите опфаќаат дружење на ученици од различна националност.

– Вклучени се ученици од подрачното училиште во село Јажинце кое е етнички чисто населено место. Досега спроведовме по една активност во двете школи, а денешната е завршна. Дечињата се дружат и разменуваат знаења и животни вештини, а наставниот кадар искуства и добри практики, рече Дијана Петровска, директор на ООУ „Симче Настовски“ од Вратница.

Раководителот на Секторот паркови и зеленило при ЈП Комуналец, Крива Паланка Драги Печјиновски ја координираше активноста од областа на хортикултура. – Учениците беа многу вредни и посветени. редивме две површини, едната со ситен мемер, другата со вулкански камен. Во двете посадивме 500 корени цвеќе: петунии, жарчиња, бонбончиња, јаболчиња и алисиум, рече Пејчиновски.

Проектот е финансиран од МОН почнувајќи од декември 2016 година, додека од почетокот на соработката помеѓу двете училишта пред три години, за реализација на проектни активности биле вложени 90.000 денари.