Општини

Течат подготовките за прослава на Водици во Гостивар

Традицијата на одбележување на Богојавление-Водици во Гостивар беше возобновена во 2015-та година, по речиси седум децении пауза. Две години празникот се прославува масовно и со голем интерес меѓу младите гостиварци за вадење на светиот крст од реката.

vodici-gostivar

Во Гостивар течат последните подготовки за прослава на големиот христијански празник Богојавление-Водици. Иницијативниот одбор деновиве со голема посветеност работи на дефинирање на деталите за целокупната манифестација што ќе се случува на 19-ти јануари во Гостивар.

И годинава литијата тргнува од соборната црква „Пресвета Богородица“ во 11.30 часот. Чинот на осветувањето и положувањето на светиот крст во водите на Вардар ќе го изврши неговото високопреосвештенство, Митрополитот тетовско-гостиварски, господин Јосиф.

Иницијативниот одбор ги поканува сите христијански верници да бидат дел од прославата на Водици во Гостивар, за да помогнат во зачувување на традицијата. Воедно ги повикува заинтересираните за вадење на чесниот и животворен крст од водите на реката Вардар, да се пријават на тел. број ‎078-998-554.