Општини

Сеидбата на оризот во кочанско реализирана над 80 проценти

Водостопанство „Брегалница“ од Кочани во изминатите петнаесетина дена континуирано ја испушта водата од акумулацијата Калиманци низ левиот и десниот магистрален канал на хидросистемот Брегалница за сеидба на оризовата култура во полињата во виничко, кочанско, штипско и светиниколско.

– Водата од акумулацијата Калиманци ја испорачуваме до крајните корисници на хидросистемот, односно до полињата коишто се предвидени за сеидба на оризовата култура. Досега се се одвива според планот и пролетната сеидба на оризот е реализирана со 80 проценти. Иако оптималниот рок за сеидба според планот завршува за неколку дена, се надевам дека сите планирани површини во општините од регионот ќе бидат насеани под ориз, изјави Николчо Гоцевски, директор на Водостопанство „Брегалница“ од Кочани.

Тој посочи дека од почетокот на сезоната на наводнување досега максимално се искористени водите од реките во Кочанско, посебно на Оризарска, Кочанска и Зрновска река, но и на Брегалница и Злетовска река, со што е ублажен недостигот на акумулирана вода во акумулацијата Калиманци.

Со измените на годишниот план за наводнување поради лошата хидролошка состојба на теренот, планираните површини под ориз од 5.100 хектари се намалени за 2.500 хектари.

Во акумулацијата Калиманци моментно се акумулирани 75 милиони метри кубни вода. Последните дождови што го зафатија подрачјето придонесоа дотокот на вода од три да се зголеми на пет метри кубни во секунда со што минимално е подобрена состојбата со акумулирана вода во Калиманци.

Површините коишто не се под ориз, земјоделците ги сеат со останатите пролетни култури за да го спасат оптималниот рок за нивна сеидба.