Општини

Реконструкција на улици во Пехчево

Асфалтирани се две улици во Пехчево со вкупна должина од околу 500 метри, а во тек е реконструкција и на улиците „Гоце Делчев“ во должина од 168 метри и на „Првомајска“ во должина од  643 метри.

Како што истакна денеска градначалникот Игор Поповски, завршени се градежните разботи за реконструкција на „Пиринска“ и „Моша Пијаде“ кои беа оштетени и на што долго време реагираа граѓаните во Пехчево.

– Успеавме во планираниот рок да ја асфалтираме улицата „ Пиринска“ во должина од 314 метри и улицата  „Моша Пијаде“ која е во должина од  154 метри со што го остваруваме планот предвиден во проектот со кој треба да извршиме реконструкција на најоштетените улици во Пехчево, истакна Поповски.

Реконструкцијата на „Гоце Делчев“ и „Првомајска“, додаде, треба да заврши идниот месец по што ќе почнат активности за уште три улици: „Маршал Тито“, „Ванчо Китанов“ и „Страшо Пинџур“.

– Асфалтирањето, реконструирањето и обновувањето на сообраќајната мрежа во градот е наш приоритет. Не смееме да дозволиме граѓаните во 21. век да газат кал и да возат по лоши улици, истакна Поповски.

Проектот за реконструкција на осум улици во општината е вреден 260 илјади евра, а средствата се обезбедени преку  ИПА фондовите.

Во рамки на овој проект целосно е завршена и реконструкцијата на улицата „Буковик“ во должина од 492 метра.