Општини

Прилеп лидер во спроведувањето на примарната селекција на отпадот

Наскоро Прилеп ќе биде единствениот град во Македонија кој 100 % ќе ја има спроведено примарната селекција на отпадот. Досега ЈКП „Комуналец“ од Прилеп има поделено корпи за селекција на отпадот на околу 65 % од домаќинствата во градот.

Корпите се со жолта и зелена боја. Во корпата со зелена боја граѓаните го селектираат органскиот отпад, а во жолтата се она што може да се рециклира, како пластика, хартија и слично. Досега вкупно се поделени 15.500 корпи за селекција на отпад, а низ градот на над 400 места на јавно прометни површини и пред стамбени комплекси се поставени 1.200 контејнери.

За оваа намена ЈКП „Комуналец“ има инвестирано околу 19 милиони денари.Само во последните неколку месеци примарната селекција на отпадот е зголемена за околу 30 проценти.

Освен позитивниот еколошки аспект проектот носи и финансиски бенефит, од 2010 година до денес „Комуналец“ има продадено роба за над половина милион евра.

ЈКП „Комуналец“ со селекција на отпад се занимава од 2008 година. Сега одделението за селекција на отпад вработува 40-тина работници и сопствената плата ја обезбедуваат со продажба на селектираните материјали.

Најбарани на пазарот се хартијата, ПЕТ амбалажата, пластиката и најлонот, но Комуналец запазуваќи ја законската регулатива одвојува од 22 до 23 рециклаторни отпадни материјали и ги пакува во тонги.