Општини

Петкилометарска трка на плажите во Дојран

На брегот на Дојранското Езеро денеска ќе се одржи третата трката на пет километри од караванот трки покрај плажа „Beach Run 2017“, во организација на здружението „Прв до врв“.

Стартот е закажан за 18 часот под јаворите во Стар Дојран, а покрај досегашните учесници од трките во Скопје и Претор, за учество можат да се пријават сите оние кои сакаат да трчаат на трката на пет километри. Пријавувањето е преку веб страната prvdovrv.mk или на лице место пред трката.

На трката во Претор минатиот викенд, првите места ги освоија младите Марго Бојаџиева и Леонид Вандевски, со што наговестија неизвесност во конечниот пласман во целата серија трки.

По двете истрчани трки во Скопје и Претор, на табелата првите три позиции ги држат, во женска конкуренција Марго Бојаџиева, Весна Кираџиева и Катерина Шиповиќ, а во машка, Игор Јакимовски, Игор Цветановски, и Муџахид Мислимоски и Леонид Вандевски (го делат третото место).

По третата трка во Дојран овој викенд, следуваат трките во Маврово на 23 јули и финалната во Охрид на 30 јули.