Општини

Охрид се подготвува за Водици

Во Охрид привршуват подготовките за прославувањето на големиот верски празник Богојавление – Водици и Денот на рибарите (Свети Јован), датуми од календарот што привлекуваат поголем број гости во градот надвор од главната туристичка сезона.

vodici-ohrid

Градоначалникот Никола Бакрачески информира дека се одржани состаноци со Координативното тело за техничка организација на празниците, а веќе се консултирани и претставници на МПЦ од Дебарско-кичевската епархија околу верскиот дел на прославата.

– Ќе биде истатата организација како и минатата година и покрај општинските служби и јавни претпријатија, ќе бидат вклучени и сите оние здруженија и институции кои постојано помагаат околу настанот, меѓу кои општинскиот Црвен крст, Нуркачкиот центар „Амфора“, Капетанија, СВР Охрид,…, изјави Бакрачески, повикувајќи ги граѓаните масовно да се вклучат во одбележувањето на празникот, а туристичките  работници подготвено да им излезат во пресрет на барањата на бројните најавени гости.

Во врска со верскиот дел на празнувањата, Илија Ристески од Дебарско-кичевската епархија истакна дека на Водици како и секоја година ќе се врши утрена богосслужба и божествена литургија во сите парихиски цркви.

– Потоа верниците од сите парохиски цркви масовно заедно со свештениците се упатуваат на Градското пристаниште кеде ќе се осветуваат водите на Охридското Езеро а потоа ќе се положи и чесниот крст, изјави Ристески.

Фрлањето на Чесниот крст во Охридското Езеро е планирано за 10 часот, кај Градското пристаниште.

Годинава е екстремно ниска температурата на водата во езерото. Денеска достигна 5,8 степени целзиусови, а наместа има и смрзнати делови во крајбрежните појаси. Затоа од Општинската организација на Црвениот крст апелираат, верниците што планираат да влезат во вода по светиот крст претходно да направат превентивен здравствен преглед.

– Не памтам години наназад да сме имале толку ниска температура, била над 6 или 7,5 степени. Оваа година е најниска и со оглед на многу студеното време, не очекувам дека ќе има загревање. Токму за празникот Богојавление Водици треба посебно внимание, порача Сашо Точков претседател на општинскиот „Црвен крст“.

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Тој важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица),… На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити.