понеделник, 22. октомври 2018. Вести денес: 114
home Општини

Маврово доби крст

Маврово доби крст

На месноста Црн Камен, на брегот на Мавровското Езеро, вчера беше подигнат тринаесетметарски метален крст.

Иницијатори на поставувањето се членовите на „Здружението на граѓани од Мавровско-горнореканскиот крај“ кои најавија дека се подготвуваат за негово осветување, додека наскоро ќе се започне и со соодветно осветлување.

На поставувањето, иницијаторите нагласија дека новиот крст меѓу селата Леуново и Ниќифорово е поставен на локација, која според нив е свето место.

– Симболот на христијанството го подигаме во чест на 50 години автокефалност на Македонската православна црква и во спомен на првиот поглавар на МПЦ, г.г. Доситеј, кој потекнува од Маврово. Порано на ова место имало параклис во чест на Богородица, нагласија од иницијативниот одбор.

Оваа иницијатива, според нив, е поттикната од желбата да се врати некогашниот сјај кога тука се собирале жителите на околните села и заеднички ги прославувале празниците како Балаклија и Ѓурѓовден.

Иницијаторите потенцираат дека крстот е поставен со поддршка и одобрение од локалната самоуправа на општината Маврово Ростуше.