Општини

Коневски: Реконструкција на улицата „23 октомври“ за поголема безбедност на учениците

Денеска во населбата Острово официјално ја почнавме предизборната кампања за претстојните локални избори. На средбата со жителите на оваа населба ги претставивме капиталните проекти предвидени во нашата програма за наредните четири години, ова на својот ФБ профил го објави актуелниот градоначалник на општина Аеродром Ивица Коневски.

-Еден од нашите значајни проекти за наредните четири години во оваа населба е целосна реконструкција на коловозот на улицата „23 Октомври“ (поранешна „Владимир Комаров“), покрај која ќе биде санирани тротоарот. Исто така, на оваа улица ќе биде поставена хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација, а на раскрсницата пред ОУ „Браќа Миладиновци“, ќе биде поставен и семафор, за подобрување на сообраќајната сигнализација, што значи и поголема безбедност за граѓаните, особено за учениците. Покрај улицата ќе бидат санирани фудбалското и кошаркарското игралиште во училиштето, како и паркиралиштата пред зградите покрај оваа улица, поточно пред зградите број 14, 16, 25, 38 и 40, а ќе изградиме и нов паркинг простор кај железничката станица. И конечно, ќе биде уредено и зеленилото, а ќе биде изграден и систем за наводнување, како и подземни контејнери, со што целиот овој потег ќе добие сосема ново уредување и населбата ќе стане уште поубаво место за живеење, стои во ФБ статусот на Коневски.