среда, 20. јуни 2018. Вести денес: 19
home Општини

Излажани и тетовчани: Им ветуваа регулација на водите, а поплавите им го уништуваат имотот

Излажани и тетовчани: Им ветуваа регулација на водите, а поплавите им го уништуваат имотот

Панорамското тркало е стопирано, но пари за регулирање на речните корита во тетовско нема. Вака, неславно завршија и предизборните ветувања на СДСМ за жителите на тетовско кои повторно се поплавени.

По обилните врнежи на дожд и топење на снежните покривки по планините на повеќе места се излеа реките Вардар, Треска и Црна река.  Излевање има на повеќе места по течението на реката Вардар во центарот на Скопје, мостовите кај Јурумлери и во Аеродром како и на местата викани Вител, Чука, Средоред во општина Зелениково.

На повеќе други места низ државата се поплавени земјоделски површини. Сепак најпогоден е северозападниот дел на државата односно тетовскиот регион. Од УМХР има најави за нови врнежи во следните денови и пораст на температурата што ќе придонесе за топење на снежните покривки, со што се зголемува опасноста од нови поплави.

Општината Маврово и Ростуше е загрозена поради делумно свлечиште, каде земјиштето е започнато да се лизга и постои вистинска опасност од катастрофа.

Општината Јегуновце пак е проголтана од реката Вардар, а најпогодени се селата Раотинце, Сиричино, Туденце и Копанце. Целата земјоделска површина е поплавена, а вода има и во домовите и во дворовите како и јавните површини.

Во изјава градоначалникот на Општина Јегуновце, Дарко Блажевски вели дека се обратил до државните институции, со цел пронаоѓање на решение. Велеа дека се работи на проект за регулација на Вардар, од Сирично до Раотинце, но на терен не е преземено ништо, вели тој.

Имено уште во 2016 година пред парламентарните избори во изјава за медиумите актуелниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ветуваше решавање на проблемот со речните корита, а средствата најавуваше дека ќе се обезбедат со прекин на изградбата на Панорамското тркало во Скопје.

Изградбата на Панорамското тркало е запрена, а нема ниту најава од властите за решавање на проблемите со речните корита.

-Се наоѓаме на локација на која редовно доаѓа до излевање на реката Вардар. Од поплавите штети трпат домовите и нивите на луѓето од неколку населени места: Раотинце, Копанце, Јегуновце, Туденце и др. Ова подрачје е постојано во опасност од нови поплави, а власта не превзема ништо за да ги заштити. Согласно проектот, за да се санира речното корито на Вардар во општина Јегуновце, потребни се 6,5 милиони евра. Со оваа санација трајно ќе се заштитат домовите и нивите на луѓето, кои до сега претрпеа големи штети. Бараме Владата под контрола на Никола Груевски, веднаш да запре со изградбата на Панорамското тркало во Скопје кое што чини 18 милиони евра. Овие пари да се инвестираат во санација на коритото на реката Вардар, како и на други места каде има можност за појава од нови поплави, изјави тогаш Манчевски.

По доаѓањето на власт на СДСМ проблемите на граѓаните останаа, а ветувањата се заборавија, имотите на граѓаните во општина Јегуновце во текот на изминатите денови претрпеа огромна штета. Дворовите и подрумите на жителите на Јегуновце се повторно поплавени од надојдените води на реката Вардар.