вторник, 25. септември 2018. Вести денес: 136
home Општини

Еврејско семејство разделено на три континенти ќе се сретне во Битола

Еврејско семејство разделено на три континенти ќе се сретне во Битола

Како дел од комеморативните активности по повод 75 години од депортацијата на Евреите од Македонија, денеска во Битола, Македонско-германската иницијатива за помирување, предводена од Ханс Јоаким Шолц свештеник на Протестантската црква во Баден, Германија, ќе одржи средба насловена „Битола и холокаустот” со деветчленото еврејско семејство Калдерон, чии корени се од Битола.

Своите искуства ќе ги пренесат Сара Ле Гутман Калдерон, ќерката на единствената Еврејка од Македонија која го преживеала Холокаустот во логорот Аушвиц-Биркенау и останати членови на семејството Калдерон.

Три генерации од ова семејство, кое живее разделено на три континенти (Јужна Америка, Северна Америка и Азија), сега доаѓаат да се сретнат во Битола.

Младите истражувачи, археолози, историчари и конзерватори (припадници на иницијативата за помирување, 24 млади од Германија и 20 од Македонија) преку средбата со семејството Калдерон, сакаат да упатат пораката дека помирувањето е процес, а не единечен чин, процес во кој сите треба да се вклучат. Младите учат како да создадат нови вредности преку кои што ќе ги надминат горчините на минатото. Тие ќе учествуваат и во Маршот на живите на 11 март во Битола. Претходно, низ повеќе активности од 7 до 9 март, имаа можност да учат за македонската историја, култура и религија, при што го посетија и Бигорскиот манастир.

Во изминатиот период, Македонско-германската иницијатива ги поврзува младите од двете земји, регионот и светот и преку летни кампови за расчистување на Еврејските гробишта во Битола.

Организатор на комеморативните активности по повод 11 март е Општина Битола, во соработка со Здружението АРХАМ, носител на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.