Општини

Државен натпревар за хорови и оркестри во Кавадарци

Државниот натпревар за детски и младински хорови и оркестри денеска почна во Кавадарци. Целта е да се согледа квалитетот на хорското пеење и музицирање на оркестрите во основните и средните училишта.

– Државните натпревари на хорови и оркестри и вокално-инструментални солисти се натпреварувачки за сите основни и средни училишта кои победија на регионалните натпревари, појасни Драган Вељковиќ, професор по музичко образование во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци и еден од организаторите.

Вељковиќ информираше дека денеска се натпреваруваат хоровите на основните училишта, а утре хоровите и оркестрите од основните и средните училишта. В недела се натпреваруваат вокално-инструментални состави и талентирани ученици.

– Овие натпревари ги организира Здружението на музички педагози на Република Македонија, а во официјалниот дел учествуваат 15 хорови и 15 оркестри од основните училишта, како и пет оркестри и бендови и 4 младински хорови од средните училишта, рече Вељковиќ. Тој додаде дека селекцијата е на повисоко ниво и затоа има ограничен број учесници.