Општини

„Безбедно управување со мопед“ – кампања во средните училишта во полошкиот регион

Секторот за внатрешни работи Тетово денеска стартуваше со проектот „Безбедно управување со мопед“ во што вкупно ќе бидат опфатени околу 3000 првокласници од средните училишта во Полошко, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

 

Ова е уште еден од повеќето превентивно-образовни проекти од областа на сообраќајот чиј носител е Отсекот за превенција во соработка со тетовската и гостиварската локална самоуправа и средните училишта од ова подрачје.

Според организаторите на активностите, на учениците на посебни часови стручно оспособени полициски службеници поблиску ќе им објаснат и ќе ги запознаат со законските правила и прописи кои се однесуваат на управувањето мопеди. Покрај тоа, учениците ќе бидат информирани и за тоа што се треба да поседуваат од опрема и како да постапуваат за да не се изложуваат на опасност.

– Посебен акцент на овие предавања ќе биде ставен на заштитните шлемови како задолжителна опрема, поседувањето соодветни возачки дозволи и прилагодување на брзината според условите на патот. Планирана содржина на проектот ќе бидат и сообраќајните поуки што секој втор викенд ќе се одржуваат со сите оние кои управувале мотоцикли и направиле сообраќајни прекршоци. Целта на проектот е да се придонесе за поголема сообраќајна безбедност на подрачјето,  дотолку повеќе што во наредниот период многу поприсутни се очекува да бидат мотоциклистите и велосипедистите, како и да се подигне нивото на сообраќајната свест и култура на оваа категорија учесници во сообраќјот, изјави Јосифовски.

Во пресрет на започнувањето на проектот „Безбедно управување со мопед“. полицијата вчера спровела акциски контроли во Тетово и Гостивар при што посебно биле контролирани мотоциклистите и велосипедистите.

Со тетовската контрола вкупно биле опфатени 20 мотоцикли и велосипеди, а откриени се 17 различни видови прекршоци, најмногу (9 случаи) неносење заштитен шлем, потоа управување без возачка дозвола (4 случаи), истечена регистрација (три случаи) и еден со необновена полиса.

– На деветмина од прекршителите изготвени им се прекршочни платни налози, додека осуммина ќе бидат повикани на таканаречена сообраќајна поука. Оние без возачка дозвола веднаш се исклучени од сообраќај со напомена дека глобата за неносење заштитен шлем изнесува 50 евра за возачот, плус 50 евра за сопатникот и 50 евра во денарска противвредност за родителот доколку станува збор за малолетни лица,  рече Јосифовски.

Во гостиварската акциска контрола реализирана вчера од 12 до 17 часот, откриени се вкупно 12 прекршоци – неносење заштитен шлем,  што се заокружени со исто толку платни налози и со осум покани за сообраќајна поука.