среда, 22. август 2018. Вести денес: 0
home Вести

Знае ли владата каде ќе го гради новиот клинички: Ем ќе се лечат, ем ќе гледаат театар?!

Она што зачудува е фактот што местото на кое е предвидено за градба, како што рече Филипче, е во близина на психијатриската болница Бардовци. Но, не знае ли министерот или некој друг во владата дека во тој дел се наоѓа локалитетот Скупи?
Знае ли владата каде ќе го гради новиот клинички: Ем ќе се лечат, ем ќе гледаат театар?!

Министерот за здравство Венко Филипче објави дека новиот клинички ќе се гради на нова локација, но очигледно е дека повеќе детали нема, што значи граѓаните ќе почекаат за нов клинички центар. Она што е според очекувањата е дека најрано новиот клинички би бил готов до кај 2030-та година.

Она што зачудува е фактот што местото на кое е предвидено за градба, како што рече Филипче, е во близина на психијатриската болница Бардовци. Но, не знае ли министерот или некој друг во владата дека во тој дел се наоѓа локалитетот Скупи? Градоначалникот на општина Карпош, пак, деновиве рече дека локацијата на идниот клинички центар не навлегува во утврдените граници на Скупи и не претставува опасност за археолошкиот локалитет.

Очигледно штом археолозите потсетуваат на овој локалитет значи дека има некоја причина. Дали тоа значи дека во определен дел не можат да се вршат градежни активност, дали ќе се зафати дел од локалитетот при градењето на новиот клинички? Веројатно ќе се знае кога ќе се подготви проект. Но за тоа според светските стандарди потребни се најмалку две години и што ако во текот на подготовката излезе дека градбата навистина ќе го уништи локалитетот?

Во меѓувреме, додека владата работи, ако воопшто работи на проект за нов клинички, а ако не ги знае деталите за овој локалитет треба да се запознае.

Што велат податоците за ова археолошко наоѓалиште?

Археолошкиот локалитет Скупи се наоѓа во западниот дел од подножјето на Злокуќанско Кале во oпштина Карпош. Градот Скупи за време на римското владеење е населен со римски воени ветерани, со што добива статус на колонија, највисок ранг на град надвор од Рим. Како единствена римска колонија на територија на Република Македонија, локалитетот Скупи е еден од најзначјните археолошки локалитети во Македонија. Локалитетот е познат уште од крајот на деветнаесетиот век. Во 1883 год. англискиот истражувач Артур Еванс престојувал во Скопје и ги регистрирал римските бедеми на Зајчев Рид, кој ги објаснил како остатоци од акрополата на Скупи. Со археолошки ископувања на локалитетот Скупи отпочнато е инцидентно пред Втората светска војна.

Во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, од 2013-та година интензивно се почнува со работа на овој археолошки локалитет. Имено, стручни екипи од Музејот на град Скопје, Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со финансиска поддршка од министерството за култура, ги започнаа активностите од втората фаза на систематските археолошки истражувања на Римскиот театар. Во оваа истражувачка фаза, која траеше  до крајот на 2015 и кога  се ископа  целиот простор на кој лежи театарот, како и неговата поблиска околина.

За време на истражувањата на Античкиот театар, археолозите пронајдоа околу 3000 монети, керамика, бронзени предмети, коскени предмети. Станува збор за пронајдени над 5000 предмети од различни културни хоризонти – железно време, римски период, доцноримски период и среден век. Вкупно се истражија околу 8500 артефакти кои на Јубилејната археолошка изложба јавноста успеа да ги види во Археолошкиот музеј на Македонија во 2016 година.

Паралелно со археолошките истражувања беа спроведени и геофизички испитувања, а се направија и аерофотографии од театарот со дрон.

За гледалиштето на Античкиот театар, пак, Конзерваторскиот центар има подготвено основен проект за конзервација, реставрација и реконструкција. За изведување на работите на гледалиштето на Античкиот театар во Скупи е спроведена постапка за избор за најповолен понудувач и склучен е договор со економски оператор со А лиценца. Согласно Основниот проект, при конзерваторските работи ќе се употреби соодветен материјал за конзервација, како и травертин со исти карактеристики, како и оригиналниот травертин употребен за изградба на Античкиот театар, пронајден при реализација на археолошките истражувања.

Со проектот „Антички театар – Скупи 2013 – 2017 година” досега се реализирани најголем дел од предвидените фази, направена е студија за идеална реконструкција на театарот во Скупи.