среда, 17. јануари 2018. Вести денес: 122
home Вести

Заев во интервју за грчката ТВ Алфа не се согласува дека „Скопјаните се единствени наследници на Александар Велики“

Заев во интервју за грчката ТВ Алфа не се согласува дека „Скопјаните се единствени наследници на Александар Велики“

За името и решение во првите шест месеци од годинава, за Ципрас, Каменос и Мицотакис, за политиката на Груевски и за намерите на Македонија, меѓу другото,  говори македонскиот премиер во интервјуто за грчката ТВ Алфа, според кусата најава што ја објави самата телевизија. Емитувањето, јавува дописникот на МИА од Атина, закажано е за недела, на Божик, а интервјуто или како што Алфа го нарекува „божиќното обраќање“, истовремено, според грчката ТВ, ќе го пренесува и една македонска телевизија.

– Во првото интервју дадено за грчки медиум, ја повторува намерата да придонесе во преговорите со заемни отстапки во прашањето за името на пЈРМ. Обраќајќи се и кон грчкиот народ и кон народот на неговата земја, Заев вели дека е во интерес и на двете земји да се најде решение за прашањето за името во првата половина на 2018 година, објавува ТВ Алфа во најавата.

Македонскиот премиер говори за заедничкиот интерес на двете земји, како и за Алексис Ципрас, за коалициониот партнер во владата Панос Каменос, за лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис. Открива, според Алфа, што имаат заедничко со грчкиот премиер и го пренесува неговото мислење дека „можеби Господ ги донесе така работите, за изнаоѓање решение на прашањето за името“.

– Зоран Заев ги отфрла практиките на неговиот претходник Никола Груевски и објаснува зошто не се согласува со позицијата на претходните премиери, дека „Скопјаните се единствени наследници на Александар Велики“, наведува телевизијата во најавата за интервјуто, објавена на нејзиниот сајт и додава дека од разговорот, се откриваат намерите на Скопје и до кој степен е подготвено да направи отстапки.

Интервјуто на македонскиот премиер ќе се емитува во недела во 20 часот по грчко време, веднаш по централното издание на вестите на грчката телевизија. ТВ Алфа, на нејзиниот официјален сајт, јавува дописникот на МИА од Атина, во неделната програма, веќе има вметнато информативна емисија во траење од половина час со наслов „Интервју на Заев на Алфа“.