Вести

Заев ризичен, само нему му се бараат гаранции за државата (ФОТО)

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев е првиот мандатар на кого му се бараат гаранции за заштита на унитарноста и суверенитетот на државата. Откако ги потпиша гаранциите, Заев денеска го доби мандатот за формирање на влада од претседателот Ѓорге Иванов.

Претседателот Ѓорѓе Иванов точно напладне му го врачи мандатот за состав на нова Влада на Зоран Заев, истакнувајќи дека му го дава мандатот на Заев кој обезбедил парламентарно мнозинство и притоа биле отстранети пречките за доделување на истиот откако Заев му ги даде гаранциите на Иванов и ја отфрли Тиранската платформа како услов за формирање нова влада.

– Пречките за состав на Владата се отстранети. Денеска пристапуваме кон исполнување на член од Уставот за определување на мандатар за состав на Владата – рече во краткото обраќање претседателот Иванов.

Заев рече дека како што ветил и пред граѓаните, а и пред Иванов, испорачал писмо во форма на гаранција, кое е доставено до Кабинетот на претседателот. И тој потенцираше дека двете пречки за добивање на мандатот, се отстранети.

– Прво, гарантираме заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независоноста и мултиетничноста на Република Македноја. Гарантирам територијална целина на земјавата, уставниот поредок на државата, како и зачувување на државните интереси. Гарантираме дека процесот на носење на одлуки за граѓаните ќе биде во согласност со владеење на право, не доведувајќи ја во потчинетост Македонија од страна на друга држава. Ниту еден документ, декларација, платформа, акт, кој ќе биде во спротивност на горенаведените ставови, нема да бидат услов и основа за дејствување на владата на Македонија – рече Заев, добивајќи го мандатот.

Заев е првиот мандатар на кого му се бараат гаранции за заштита на државата. Претходно, такви гаранции не се бараше ниту од Никола Кљусев, ниту од Бранко Црвенковски, ниту од Љубчо Георгиевски, ниту од Хари Костов, ниту од Владо Бучковски, ниту од Никола Груевски. Имајќи го во предвид политичкото делување на Заев изминатите години, како и неговите ветувања кои се на линија на загрозување на унитарноста на државата, лидерот на СДСМ мораше да даде вакви гаранции во име на формираното парламентарно мнозинство со дури три албански партии и можност да формира влада и покрај поразот на изборите во декември минатата година.