Вести

„За заедничка Македонија“ поднесе иницијатива пред Уставниот суд за незаконскиот избор на Џафери

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ на 80-тиот ден од нивното дејствување ја поднесоа иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.

Богдан Илиевски од „За заедничка Македонија“ истакна дека има повеќе иницијативи и истите се за оценување на уставноста на изборот на Талат Џафери.

-Ова е почеток, имаме други истанци до кои ќе се обратиме и во случај доколку Уставниот суд во конкретниот случај се прогласи за ненадлежен. Подготвуваме и една голема тужба, против многу чинители од последните три години која ќе опфати многу материјал, а покрај врвни правници со кои располагаме ќе се вклучат социолози, психолози, филозофи, историчари. Правната битка мора да ја водиме, бидејќи ние не бараме ништо вон правото и правниот систем, додава Илиевски.

Илиевски вели дека секој мора да ги почитува процедурите во оваа држава, дека не може мнозинството во Собранието да прави што сака.

-Тој како претставник на мнозинството во парламентот имал легитимитет да е претседател. Се разбира, но дури и мнозинството во парламентот мора да ги почитува процедурите, тоа не значи дека мнозинството во парламентот може да прави што сака. Дополнително како што кажав, во име на тие притисоци кои што ги спомнавте, дека очекувал уставните судии да не одлучуваат по тоа дали била уставна или не одлуката, бидејќи тоа ќе било мешање во ингеренциите на Собранието, односно мешање во работата на мнозинството во парламентот. Тоа е една смешна и опасна теза и ако така функционираме во оваа држава, ова ќе биде еден преседан кој што во иднина секој ќе го користи на начин каков што сака. Секој еден пат кога ќе се користи се помалку и помалку ќе имаме правна држава, односно држава, изјави Илиевски.