Вести

Во болницата Козле, со новиот апарат за имунолошки анализи наместо за 10 дена резултатите за само 1 час

Времето на чекање за добивање на резултат од имунолошка анализа, од 10 дена ќе се скрати на 1 час. Ова ќе го овозможи новиот имунолошки анализатор, апарат кој претходно го немаше во болницата во Козле, а сега е веќе набавен.

todorov

-Ова е исклучително позитивно и за работата на здравствениот персонал, но и за пациентите кои добиваат здравствени услуги во оваа детска болница и тоа како и за лежечките пациенти, оние кои што се болнички овде сместени, така и за амбулантските пациенти. Ова многу ќе помогне во работата на детската болница Козле и многу ќе помогне во дијагностиката која им е неопходна на здравствените работници за утврдување на дијагнозите и определување на третманот или лекувањето на пациентите, истакна министерот за здравство Никола Тодоров, при денешната посета на детската болница Козле.

Вредноста на новиот имунолошки анализатор е 2,5 милиони денари.

Тодоров нагласи дека болницата функционира во одлични инфрастуктурни услови и е една од првите болници која се акредитираше според сите стандарди за квалитет. – Доказ за тоа се постојано зголемените бројки на пациенти и услуги кои се дадени тука. Ако во 2015 година бројот на амбулантски услуги беше околу 23.000, 2016 година се заврши со 40.000 дадени услуги, што е сериозен раст на болницата, истакна Тодоров.

За одбележување е, посочи, дека расте бројот на болнички пациенти. Нагласи дека ќе има сериозен раст од 65 или 67 проценти, што, според него, говори за зголемената доверба на пациентите во оваа болница и за подобрените капацитети од аспект на кадар и опрема.

– Од оваа болница преку 70 проценти од докторите веќе беа на едукација во странство и тоа во еден од најсериозните центри за педијатрија во Европа, тоа е болницата Бамбино Џезу во Ватикан, со што се овозможи подигнување на нивото на квалитет, знаење и вештини на докторите кои дават услуги во Детската болница Козле. Има доктори кои беа и во други центри во Турција, Словенија, Србија итн. со што сериозно се придонесе за подобрување на квалитетот на здравствените услуги кои се даваат во оваа здравствена установа, додаде Тодоров.

Изрази надеж дека болницата ќе продолжи да работи со исто темпо и ќе се развива постојано.

Директорот на Детската болница Козле, Оливер Зафировски рече дека имунолошки анализатор е нов комплетно автоматизиран апарат кој има висока сензитивност и се намалува времето на чекање на резултатите.