Вести

ВМРО-ДПМНЕ: Добивањето на мандатот е само затруен плод на затруено дрво, политичкиот отпор и протестите резултираа со неопходните гаранции

Вложените напори за заштита на државните и национални интереси вложија со плод. Политичкиот отпор на ВМРО-ДПМНЕ и 80 дневните најмасовни протести на стотици илјади граѓани низ целата држава резултираа со неопходните гаранции дека нема да се наруши унитарниот карактер на мултиетничка Македонија, истакна на денешната прес-конференција Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ.

 

-Огромен придонес во тоа имаше и претседателот Ѓорге Иванов кој со својот принципиелен став не отстапи и се бореше да обезбеди сигурност дека иднината на земјата нема да се крои врз основа на туѓи декларации или платформи. Целата јавност беше сведок на постизборната измама преточена во Тиранската платформа која стана основа за формирање на идното парламентарно мнозинство и претставувашпе ризик за иднината на Македонија, вели Тодоров.

Тој посочи дека реализацијата на елементите од Тиранската платформа, за која како што рече, Зоран Заев изјавувал дека имал позитивен став, значело директно загрозување на мултиетничкото општетство какво што е градено и претворање на државата во бинационална.

-Таа опасност беше реална и затоа народот остро реагираше, народот се спротивстави на сите најави за менување на банкнотите, двојазичноста, униформите и најавите дека Македонија ќе биде прогласена за геноцидна држава. На сите овие сценарија реагираше и ВМРО-ДПМНЕ. Иако победивме и ја добивме поддршката од граѓаните на декемвриските избори, на СДСМ му понудивме да ја отфрли платформата со што ќе ја добиеше нашата поддршка за формирање на влада. Тоа не се случи. СДСМ на отфрли понудата на ВМРО-ДПМНЕ и ја пролонгираше политичката криза. Неодговорно и деструктивно однесување на СДС кулминираше со политичко насилство при обидот да го изберат Талата Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија со што СДС ги погази, Уставот, законите и деловникот за работа на Собранието, додава Тодоров.

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ вели дека доколку Заев соберел храброст и порано се оградел од Тиранската платформа, Република Македонија немало да мора и овие месеци да ги минува во криза.

-Доколку Зоран Заев порано ги дадеше гаранциите кои ги побара претседатело Ѓорге Иванов, досега ќе беа деблокирани сите процеси и ќе имавме и локални избори. Денешното добивање на мандатот е само затруен плод на затруено дрво. Од денес натаму и СДС и Зоран Заев ја имаат целата одговорност, тие го контролираат парламентарното мнозинство и од нив зависи формирањето на идната влада. Зоран Заев е првиот мандатар кој потпишува гаранции дека нема да ги нарушу највисоките државни и национални интереси. Тоа не било побарано ниту од Бранко Црвенковски, ниту од Хари Костов, ниту од Владо Бучковски. Тоа доволно говори за сериозноста на информациите кои предупредуваа на ризикот со кој се соочува Македонија. на гаранцијата која Заев ја потпиша денес, не се потпишани првите луѓе на партиите на Албанците кои му ја дадоа поддршката. Во име на актуелното парламентарно мнозинство е потпишан само Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ знае колку тежи зборот на Зоран Заев, безброј пати зборувал, а друго право, безброј пати Заев едно ќе кажел вечерта, а веќе друго кажува следниот ден. Затоа ВМРО-ДПМНЕ будно ќе ја следи неговата работа и нема да дозволи од какви било причини да отстaпи од гаранциите кои ги даде, истакна Тодоров.

Тој нагласи дека знаат дека мнозинството граѓани гласале за програмата на Коалицијата за Подобра Македонија и дека таа поддршка се зголемува откако сите ја виделе деструктивноста на СДС и дека Зоран Заев има сосема други приоритети од приоритетите на граѓаните.

-Затоа остануваме на ставот дека потребни се нови предвремени парламентарни избори на кои ќе се слушне гласот на народот, вели Тодоров.