Вести

Вицепремиерот Анѓушев со криминалниот тендер на ЕЛЕМ ќе има над 30 милиони евра лично богатство, и Заеви може да се омрсат од државните тендери

Само 10 дена откако е назначен новиот генерален директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски, на својот претпоставен во Владата, вицепремиерот Кочо Анѓушев, му доделил тендер на фирмата „Фероинвест“, која ја основа токму Анѓушев и од која само козметички се повлече од местото управител. Вредноста на доделениот тендер изнесува 165 милиони денари со ДДВ или 2.6 милиони евра, ова значи дека вицепремиерот Анѓушев со криминалниот тендер на ЕЛЕМ ќе има над 30 милиони евра лично богатство, а и Заеви може да се омрсат од државните тендери.

На овој начин мултимилионерот Анѓушев за само еден ден заработи 2.6 милиони евра, а предноста пред сите останати ја доби благодарение на тоа  што е вицепремиер во владата на Заев. Поради функцијата која ја обавува, тој може да влијае врз работата на државните институции.

Единственото образложение кое го дадоа Анѓушев и Заев е дека вицепремиерот веќе не е управител на фирмата. Револтот кај јавноста се јави оправдано, а се зголеми по овие смешни оправдувања од премиерот и неговиот заменик.

Заев: Анѓушев ќе добива тендери, моето семејство ќе продава ајвар

Заев вели дека нема судир на интереси во тоа што фирмата Фероинвест, во која што вицепремиерот Кочо Анѓушев е еден од сопствениците, учествува на тендер на ЕЛЕМ вреден 2,6 милиони евра.

-Драго ми е што медиумите ја водат оваа постапка и јавноста треба да знае за тоа. Но, дали тоа значи дека семејството Заеви што произведува ајвар, од нив не треба да набавува ниту една државна институција која има исхрана во заеднички мензи!? Фирмите во Македонија мора да работат, но важно е да се разграничи и да нема влијание при одлучувањето или во управување со фирмата, истовремено истото лице кое е во Владата. Како ќе привлечеме квалитетни луѓе од бизнис заедницата да помогнат во работата, ако од нив бараме да ги затворат фирмите и да ги отпуштат вработените“, изјави Заев за време на посетата на затворот „Идризово“.

Од „Фероинвест“ истакнуваат дека не само овој, туку се во план да добијат и други тендери. Велат дека и во иднина ќе учествуваат на сите јавни огласи каде има деловен интерес и каде може да понуди  свои производи.

Додека двајцата бизнисмени и политичари со неосновани оправдувања сакаат да ја замајуваат јавноста, законот за спречување на корупцијата е дециден.

Дефиниција на корупцијата

Член 1-а

(2) Под корупција, во смисла на овој закон, се подразбира искористување на функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за остварување на каква и да било корист за себе или за друг.”

Начело на еднаквост

Член 4

(3) Секој има право да спречи или да пријави постапка што претставува користење на функцијата, јавните овластувања, службената должност и положба, со која се остварува лична корист или му се нанесува штета на друг, без да трпи какви и да било последици.”

Значење на изразите употребени во овој закон

Член 7

(1) За определување на значењето на изразите избран или именуван функционер, како и друго службено лице, правно лице, одговорно лице во правно лице и лице кое врши работи од јавен интерес, се применуваат одредбите за значење на изразите од Кривичниот законик.

(2) Под поимот корист се подразбира остварување на секој вид корист, погодност или предност за себе или за друг.”

Ограничувања во соработката со правни лица

Член 22

Избран или именуван функционер, како и друго службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал не може, во вршењето на својата функција, односно служба, да воспостави деловни односи со правно лице што го основал тој или член на неговото семејство, или во кое одговорното лице е член на неговото семејство, а доколку деловните односи се воспоставени од порано, е должно да се изземе од какво и да било одлучување и за тоа да ја извести Државната комисија.”

Корупцијата во Владата цвета!

Вицепремиерот Анѓушев од државата добива криминален тендер во вредност од 2,6 милиони евра. Во обидот да го премолчи кршењето на законот добива поддршка од премиерот Заев.

Заев, пак, продолжува да собира добробити само за членови на своето семејство. Она што го правеше како градоначалник на Струмица, кога доделуваше тендери само на свои роднини и пријатели, од локално го преврла на централно ниво. Очигледно е дека милионските тендери ќе завршуваат во џебовите на неговите соработници и членови на семејството. Корупцијата во Владата цвета, а највисоките функционери продолжуваат да ја мамат јавноста. Предизборните ветувања секој ден “паѓаат во вода“. Така, ветувањето дека пари ќе се враќале во џебовите на граѓаните, се реализира како ново ветување парите да завршуваат во џебовите на најблиските на Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ: Анѓушев од џебот на државата со парите на сите граѓани си става во својот приватен џеб и се богати

Наместо протоколарни средби, Анѓушев веднаш да се откаже од криминалниот милионски тендер на ЕЛЕМ. За само три месеци успеа СДС да реализира криминални тендери кој изнесуваат милиони, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на изјавата на Кочо Анѓушев.

Оттаму велат дека ова значи оти Анѓушев од џебот на државата со парите на сите граѓани си става во својот приватен џеб и се богати.

-Тоа значи дека Анѓушев со овој криминален тендер си го зголеми богатството на 30.6 милиони евра. Треба веднаш да се поништи тендерот на ЕЛЕМ и Анѓушев да си замине од позицијата вице премиер, велат од ВМРО-ДПМНЕ.