Вести

Велешани на 15 октомври ќе одлучат за Стратегијата за бегалци, советниците на СДСМ застанаа зад штетните политики на Зоран Заев

Петнаесетти октомври ќе биде ден кога граѓаните на Велес ќе донесат многу значајна одлука за својата иднина. На 15-ти октомври Велешани ќе ја имаат можноста самите да дадат одговор дали се согласуваат со штетната Стратегија за интеграција на бегалци и странци на Владата на СДСМ, велат од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Велес.

Живе Катранџиев од ОК ВМРО-ДПМНЕ Велес вели дека и покрај апелите и барањата на граѓаните, СДСМ да се откаже од погубната Стратегија за интеграција на бегалци, и покрај огромното противење на плановите за изградба на социјални станови за вдомување на мигранти, никој од Владата не ги праша граѓаните што мислат за овие нивни планови.

-Кога тоа не сакаше да го прави Владата, ќе го прави општината. Денеска пред граѓаните сакаме да соопштиме дека на вчерашната 74-та седница, Советот на Општина Велес донесе одлука на 15-ти октомври да се спроведе референдум на локално ниво на прашањето „Дали сте за населување и интеграција на мигранти на територијата на Општина Велес?“ Референдумот ќе биде со обврзувачки карактер и ќе значи дека резултатите од него мора да се почитуваат, истакна Катранџиев.

Посочи дека одлуката на Советот да се распише Референдум по ова прашање е одговор на барањата на граѓаните.

-Граѓаните сакаат тие, а не некои други, да одлучуваат дали на територијата на општина Велес ќе се дозволи населување на мигранти. Граѓаните сакаат тие, а не Зоран Заев и СДСМ, да одлучуваат дали ќе се дозволи во Велес да се спроведува Стратегијата на Владата за вдомување, вработување, бесплатно образование, здравство и социјална заштита за мигрантите. Како советници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија сакаме јасно и гласно да порачаме дека никој освен Велешани нема право да носи одлуки кои на долг рок ќе ја обликуваат иднината на општината. Никој не смее зад грбот на Велешани да кова стратегии и спроведува Акциски планови кои носат сериозни демографски, социо-економски и безбедносни ризици за граѓаните, потенцира Катранџиев.

Вели дека водејќи се од овие принципи и застанувајќи цврсто зад интересите на граѓаните, советниците на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ гласаа ЗА предлог-одлуката на 15-ти октомври да се спроведе Референдум на прашањето „Дали сте за населување и интеграција на мигранти на територијата на Општина Велес?“

-За жал, наместо да се надминат себе си и да застанат со своите сограѓани, советниците на СДСМ одлучија да застанат зад Зоран Заев, Мила Царовска и нивните штетни и погубни политики. И покрај јавно изразените дискусии и заложби, кога дојде моментот на изјаснување, советниците на СДСМ, сите еден по еден, на поединечното изјаснување, НЕ дадоа поддршка за одржување на референдум во Велес. Наместо глас ЗА, наместо заложба за својот град, велешани од СДСМ добија воздржаност. Со тоа: СДСМ се воздржа да ги заштити граѓаните на Велес од нов бран мигранти, СДСМ се воздржа да ја заштити безбедноста и сигурноста на граѓаните, СДСМ се воздржа да ја заштити демографската структура на Велес, СДСМ се воздржа да ги заштити на работните места на работниците од Велес, појаснува Катранџиев.

Според него, СДСМ не даде поддршка граѓаните да можат самостојно да одлучуваат дали на територијата на општина Велес ќе се населуваат бегалци и мигранти.

-На вчерашната седница на Советот, СДСМ одлучи дека одбраната на партиски стратегии им е поважна од одбраната на Велес. За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија застанаа цврсто зад барањата и интересите на граѓаните. Го направивме тоа вчера со донесување на Одлуката за распишување на Референдум, а уште посилно ќе го направиме на 15 октомври. Заедно со граѓаните на 15 октомври ќе изразиме силно НЕ за стратегија за претворање на нашиот град во бегалски камп. НЕ за за населување и интеграција на мигранти на територијата на Општина Велес, рече Катранџиев.