Вести

Велешани ќе имаат доволно вода во претстојното лето

Граѓаните на Велес кои се снабдуваат со вода од  ЈП Хидросистемот „Лисиче“ во претстојното лето ќе имаат доволни количества вода за пиење и останати потреби. Ова  го потврди Боби Пановски директор на  ЈП ХС „Лисиче“од Велес.

 – По топењето на снеговите од масивот на планината Јакупица, нивото во Езерото од акумалацијата Лисиче е покачено  за повеќе од пет метри што значи дека граѓаните на Велес ќе имаат доволно количества вода во претстојното лето. На северните страни од планината се уште има снег и топењето трае до средината на мај, односно почетокот на јуни во зависност од временските услови, а што значи дека  акумулацијата и понатаму се надополнува со нови свежи количества вода,  информира Пановски.
 
Тој воедно информира дека вчерашната кота на акумулацијата е 411,85 метри н.в. што значи дека до највисоката кота од 423,00 метри н.в.,  за понатамошно  надополнување со вода  остануваат празни уште 11,15 метри.
 
Инаку од акумулацијата на  ХС „Лисиче“ со понатамошно прочистување на водата во Филтер станицата односно Фабриката за вода во Велес, со квалитетна и здрава вода се снабдуваат околу 60 илјади жители на Велес и околните населени мести, а  што е и приоритетно во нејзината работа, велат од ХС „Лисиче“.
 
Воедно информираат дека од оваа акумулирана вода од ХС „Лисиче“  се наводнуваат и земјоделските површини на земјоделците во реонот на Општина Чашка каде што се наоѓа ХС „Лисиче“.
 
ХС „Лисиче“ беше пуштен во употреба во септември  2007 година ,а се изгради во најголем дел со самопридонес на граѓаните на Велес. Изградбата на акумулацијата со сите придружни зафати и водозафатната кула,  започна  да се гради во  1987 година  и изградбата  траеше цели 20 години.