Вести

Утврдени цените за користење на тениските терени „23 Октомври“ во Куманово

Општина Куманово ќе стопанисува со новоизградените тениски терени „23 Oктомври“ во близина на спортската сала во градот.

kumanovo

Граѓаните и спортските клубови ќе плаќаат различна цена за користење на терените во зависност од временскиот период. Според одлуката донесена на седница на Советот, во период од 8 до 16 часот влезницата ќе изнесува 100 денари, во период од 16 до 20 часот цената ќе биде 200 денари, додека во вечерните часови од 20 до 22 часот билетот ќе чини 300 денари.

– Агенцијата за млади и спорт ги изгради овие игралишта и се предадени на општината да стопанисува со нив. Во овој момент не можеме да донесеме одлука, немаме законско право, овие теренски игралишта да ги префрлиме на друг субјект. Поради тоа што временските услови веќе се погодни за користење на терените, општината одлучи да се утврдат цените за влезници, изјави секретарот на општината Валентина Алексовска.

Засега, додаде Алексовска, терените ќе ги користат граѓаните и спортските клубови, а постои можност, доколку се донесе одлука на Советот, бесплатно да ги користат основците и средношколците.

– Со цел промоција на овој вид спорт, единствено за што ќе треба клубовите да водат сметка е терените да бидат одржувани во најдобар ред, но со препорака да се организираат и спортски манифестации со кои ќе се промовира тенисот меѓу младите кумановци, изјави Алексовска.

Тенискиот центар „23 Октомври“ беше пуштен во употреба во септември минатата година и опфаќа четири тениски терени. За терените беа инвестирани 19,1 милиони денари и тие се дел од владиниот проект за изградба на 120 тениски терени низ целата држава. Проектот го спроведува Агенцијата за млади и спорт.