Вести

Трпески: Единствена причина што граѓаните на Македонија не се возат по новиот автопат е неспособноста на Владата на СДС

Неспособноста на СДС од ден во ден се повеќе излегува на површина. Два ипол месеци се на власт, а не можат да пуштат во употреба веќе завршен автопат. Ветуваа 600 километри нови автопатишта, а сега гледаме дека не можат да пуштат во употреба ни автопатска делница која е веќе завршена од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, вели Славе Трпески од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Трпески кажа дека автопатската делница Демир Капија – Смоквица, во должина од 29 километри и вкупна вредност од 218 милиони евра, важи за една од најтешките автопатски делници во Републиката, која е целосно реализирана од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, и единствено чека пуштање во употреба веќе два и пол месеци.

-Единствена причина зошто денес граѓаните на Република Македонија не се возат по новиот автопат, е неспособноста на Владата предводена од СДС, цело лето да дислоцира електричен столб и да добие одобрение за градба за диспечерски центар. Незаинтересираниот министер за транспорт и врски, Сугарески пред три недели во изјава за медиуми, изјави дека бара од ЈП за државни патишта и АД МЕПСО да ја комплетираат документацијата потребна за решавање на овие две банални прашања. Поминаа три недели, а јавноста нема одговор во што е проблемот. Граѓаните не можат да чекаат неспособниот Сугарески да изведе најобична административна процедура, која се решава во рок од неколку дена, изјави Трпески.

Тој обвини дека незнаејќи што да прават, Владата на СДС во својство на собрание на акционери на АД МЕПСО, на 25.07.2017 година донесува одлука за запишување на право на сопственост на далеководот Дуброво – грчка граница, на АД МЕПСО Скопје, која е целосно незаконска.

-Потврда дека одлуката е целосно нелегитимна потврда е и негативното мислење од Секретаријатот за законодавство во Владата на Република Македонија. Неспособната Влада на СДС не ги познава законите и законските процедури на Република Македонија. Одлуката доставена до Катастарот за запишување на далекуводот која ја засноваат на законот за трговски друштва е комплетно незаконска. Доколку СДС сака да го реши ова отворено прашање, може на првата наредна седница на Влада да донесе одлука согласно членот 65 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост, кој е легитимен основ за запишување на правото на сопственост на овој вид објекти, изјави Трпески.

Трпески порача порача дека СДС треба веднаш да престане со беззаконието кое упорно го практицираат во државните институции и да престанат да прават притисоци врз државните службеници во Катастарот да спроведат незаконска одлука.

-Владата на СДС доколку сака да го реши овој проблем треба веднаш да ја повлече незаконската одлука и да ја прекинат праксата од минатото, кога Владите на СДС носеа незаконски одлуки за пренос на право на сопственост, и да донесат нова одлука, согласно решението кое го нудиме. Владата на ВМРО-ДПМНЕ напорно работеше за реализација на овој капителен проект, кој го докомплетира автопатското решение на Коридорот 10 на територијата на Република Македонија. Граѓаните на Република Македонија не треба да чекаат уште дополнителни два и пол месеци за СДС да реши најобичен проблем кој се решава во рок од неколку дена, изјави Трпески