Вести

Сопругот на исчезната професорка: Излегла од дома додека спиев, помогнете да ја најдеме!

-Ве молам помогнете ми да ја најдам мојата сопруга и мајката на нашите синови, Снежана Тројачанец! Не знам кога излегла од дома, тоа се случило додека спиев, можеби било и во тек на ноќта, не можам со сигурност да кажам, јас забележав дека ја нема утринава кога станав, околу седум часот, раскажува сопругот на Снежана за Фокус.

Ладно е надвор, се стемнува, итно ни треба помош – апелира Пламен, сопруг на професорката од Скопје, по која трага целиот град, откако нејзини блиски пријатели известија за исчезнувањето на социјалните мрежи.

Тој додава дека Снежана има 52 години, убава и витка жена е со сини очи, а претпоставува дека е облечена во пижами, бели со шари. Забележал дека и ја нема јакната, во кафена боја со каиш, и вели дека најверојатно ја носи на себе. На нозете имала сиви патики, со себе не носела ташна, немала мобилен телефон ниту пак било каков документ.

,,Мојата сопруга веќе еден месец е на домашно лекување, страда од депресија. Никогаш во минатото не се случило да замине вака, сите ја бараме. Постојано добивам пораки дека е забележана на еден или на друг крај на градот, апелираме до такси возилата и до ЈСП ако ја забележат веднаш да ни јават’’ – вели сопругот на Тројачанец за Фокус.

За случајот била известена и полицијата.

Сите кои што имаат било каква информација за Снежана, можат да се јават на 078 257 878 кај семејството, или пак во најблиската полициска станица.