Вести

Соопштени добитниците на наградата „Св. Климент Охридски“ за 2017

Државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2017 година во областа на воспитанието и образованието им се доделува на професорот и писател Венко Андоновски и на историчарот Наим Алими. Во областа на културата и уметноста наградата им се доделува на музичарот Гарабет Тавитјан, писателот Јордан Плевнеш и филмологот Илинденка Петрушева.

– Ова е одлуката на Одборот за доделување на државната награда „Св.Климент Охридски“, согласно Законот за државните награди, Законот за изменување и дополнување на законот за државните награди („Службен весник на Р.М.“ бр.52/06,54/07 и 74/12) и Правилникот за работа на Одборот, која ја донесе на седница одржана на седми ноември, соопшти Министерството за култура.

Државната награда „Св. Климент Охридски“ претставува највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија.

Одлуката стапува во сила од денот на донесувањето и ќе биде објавена во Службен весник на Република Македонија.

Наградата на добитниците ќе им биде врачена на 8 декември во 13 часот во Собранието на Република Македонија.