Вести

Смилевски: Не треба да се гради крст во Бутел

Во емисијата само „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, дебата имаа кандидатите за градоначалници на Бутел од ВМРО-ДПМНЕ Дарко Костовски и од СДСМ Велимир Смилевски. Костовски кажа дека во вториот круг и двајцата кандидати влегуваат со 0:0 и дека за победникот ќе одлучуваат гласовите на сите етникуми, бидејќи Бутел е мултиетничка општина.

Костовски напомена дека самата анкета која на почетокот на емисијата беше пуштена е доста добар индикатор дека се менува расположението кај гласачите во оваа општина. Анкетата која беше објавена на стартот на емисијата, каде 61,3 проценти сметаат дека живот во општина Бутел ќе донесе Костовски, наспроти 38,7 кои сметаат дека тоа ќе биде Смилевски.

Во дискусијата беше поставено прашањето што ќе биде со камен темелникот на крстот кој требаше да биде поставен во Бутел. Смилевски кажа дека тие не знаеле оти таму ќе има крст, туку дека ќе имало урбана опрема, на што Костовски праша како може да не знаеле кога еден советник од нивната советничка група гласал против.

-Како може да гласа против, ако не знае за што станува збор, нормално дека би бил воздржан. Сигурно дека знаевте за што станува збор, затоа што ви беше објаснето, изјави Костовски.

Костовски праша и каква советничка група се тие, кога немаат координација меѓу нив.

Смилевски одби на одговори на прашањето околу тоа каков е неговиот став околу поставувањето на крстот.

-Смилевски, вие имате став во однос на ова прашање, тоа може да го побарате на еден портал, ќе се согласите дека изнесовте став. Затоа ве замолив да го кажете вашиот став во однос на крстот во Бутел и тоа беше јавно истакнато, јас не кажувам нешто што не било јавно истакнато, изјави Костовски.

Откако тврдеше дека нема став, Смилевски потоа кажа дека нивниот став е дека нема потреба од крст во овој момент, при што користеше и вулгарности.

-Не би сакал куче, маче или некое друго животно да го моча тој крст, не може да биде крст поставен за да може секој да го допира, изјави Смилевски.

На што Костовски одговори дека крстот секако би бил заштитен.