сабота, 24. февруари 2018. Вести денес: 22
home Вести

„Скопје 2014“ продолжува како „Шкупи 2018“

„Скопје 2014“ продолжува како „Шкупи 2018“

Нови два милиони евра за Плоштадот „Скендербег“

Проектот „Скопје 2014“ кој го почна владата на ВМРО ДПМНЕ сега продолжува под ново име, „Шкупи 2018“.

Во предлог-буџетот за 2018 година на Министерството за локална самоуправа се предвидени 125 милиони денари или речиси два милиона евра за доградба на плоштадот Скендербег, изјави министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

Врз основа на барањето дополнителни средства за завршување на изградбата на плоштадот Скендербег, Владата донесе заклучок бараните средства во вредност од 125 милиони денари да бидат проектирани и предвидени во буџетот на Министерството за локална самоуправа за 2018 година“, рече министерот.

Тој информира дека Министерството за локална самоуправа во наредната буџетска година предлага буџет во вкупен износ од 443 милиони и 594 илјади денари, кој максимално ги има намалено непродуктивните и нерационални трошења. За сметка на тоа, додаде тој, инвестираме во проекти за рамномерен регионален развој, со кои ќе се поттикнува развојот на планските региони на подрачјата со специфични развојни потреби и на селата.

„Средствата за проекти за рамномерен регионален развој за 2018 година, само во буџетот на Министерството за локална самоуправа се зголемени над 60 проценти, од 131 милион на 211 милиони денари, или 80 милиони денари повеќе во однос на буџетот за 2017 година. Ако се земат предвид и средствата од буџетот на Бирото за регионален развој, орган во состав на Министерството, станува збор за зголемување од 100 милиони денари или приближно 70 насто повеќе средства за проекти што ќе имаат директно влијание врз развојот на планските региони во согласност со степенот на развиеност“, рече Фазлиу.

Министерството за локална самоуправа ќе инвестира и во проекти за прекугранична соработка. Во буџетот за 2018 година се планирани 40 милиони денари за кофинансирање проекти, финансирани од ИПА-програмата на Европската Унија. За поттикнување на прекуграничната соработка и развој на пограничните региони, Министерството за локална самоуправа ги обезбедува средствата за кофинансирање во вредност од 15 отсто за секој одобрен проект, без разлика дали носител на проектот е општина, невладина организација, универзитет или друг непрофитен субјект.

Три милиони денари се наменети за имплементација на локалните акциски планови во единиците на локалната самоуправа, кои се подготвени врз основа на стратегијата за Ромите во Република Македонија, со што Министерството за локална самоуправа ќе ги поддржи општините во мерките за социјална инклузија на ранливите групи.

Најнови вести