Вести

Шаклевски: Заокружете го бројот 13 и вратете си ја тапијата и на Битола и на Македонија

На социјалните мрежи на шега пишуваат дека СДС во овие пет месеци успеа да измисли времеплов и да ја врати Македонија во 90-тите години од минатиот век. Но, тоа воопшто и не е шега, изјави денеска Благој Шаклевски од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, додавајќи дека младите можеби не се сеќаваат, но оти постарите многу добро знаат што значи тоа.

Според него, тоа значи чувство на несигурност и страв.

-Страв за себе, за своите семејства и за иднината на државата. Никој не планира ништо подалеку од еден месец, ниту домаќинствата, ниту фирмите, ниту бизнисмените. Се е како замрзнато, како застанато и неизвесно. Како сите да чекаат нешто. Притисоци, закани и уцени на секој чекор, во секоја инстутција. Страв за работното место, страв за пензиите, страв за социјалната помош, вели Шаклевски.

Посочи дека СДСМ уште во техничката Влада ги бараше Министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика.

-И тогаш, и сега е повеќе од очиглено дека тоа е институциите преку кои СДС врши најголем притисок врз граѓаните. Ако на ова ги додадеме уште и вработените во РЕК, ќе ја добиеме комплетната слика на груб и недозволив партиски притисок и влијание на Заев врз најранливите, незаштитените и уплашените. Рации, инспекции, упади, полиција, видливо присуство со луѓе и возила на раскрсници и булевари, по Широк сокак, појаснува Шаклевски.

На битолчани им порача да не бидат исплашени, додавајќи дека треба да се плашат оние кои ја имаат власта во своите раце.

-Може да ви се заканат на работа во РЕК, да побараат да не одите на митинзи, може да ви всадат страв дека ќе останете без социјална помош, без детски додаток или додаток за куќна нега. Може да ве омаловажуваат на работа само затоа што сте ставиле „лајк“ на Фејсбук или зашто јавно сте се ракувале со противничкиот кандидат на Широк сокак. Но, треба да знаете дека со ниски и подли закани се служи само оној кој е уплашен и е во паника, рече Шаклевски.

Истакна дека битолчани не треба да заборават дека зад параванот се власта и стопанот на Битола и Македонија.

-Вашиот глас е најсилното оружје да се спротивставите на оние кои ве прават да се чувствувате немоќни. Гласањето в недела нема да биде гласање само за градоначалници и совети. Нема да биде ниту гласање само за зачувување на иднината на нашата држава, Република Македонија. В недела вие ќе гласате за правда и за враќање на вашето лично достоинство како луѓе, кое ви го исмеваат, ви го понижуваат и ви го газат. В недела вие ќе имате можност да бидете и судии и да ги казните сите што дрско си поигурваат и со вашата интелигенција и со вашата егзистенција. Битола и Македонија не смеат да бидат играчка на Зоран Заев и на СДС, потенцира Шаклевски.

Нагласи дека со заокружувањето на бројот 13, граѓаните ќе го направат првиот чекор за да ја вратат тапијата и на Битола и на Македонија.