Вести

Ристовски: ВМРО-ДПМНЕ ќе формира народни стражи за да ја гарантира демократијата

За време на изборната кампања се случија сериозни нарушувања и опструкции на изборниот процес, фрлајќи темна дамка на демократскиот амбиент кој е важен за спроведување на изборите, вели Спиро Ристовски Претседател на Републички изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

-За прв пат во Македонија се случи убиство на човек кој активно учествуваше во изборната трка. Кандидат за градоначалник беше физички нападнат и заврши со пукнат череп, беа забележани десетина случаи на искршени штабови на ВМРО-ДПМНЕ и на останати политички партии, беа забележани случаи на злоупотреби на полицијата, беше застанат од полицијата и без било каква причина малтретиран наш кандидат за градоначалник, а за време на изборниот период беа поднесени десетина кривични пријави на кандидати за градоначалници кои не се базирани на аргументи и факти, и според наше видување се плод на политичка хајка и монтиран процес. Но она што навистина загрижува се информациите кои ги добиваме од терен во последните 24 часа, посебно во текот на вчерашната ноќ. Имаме сериозни информации на нарушувања на изборните правила, поткупувања, злоупотреба на државни институции, активно мешање на државни ресурси за партиски цели. Вакви информации има на повеќе места низ Македонија, што укажува на системски пристап, а не се изолирани, потенцира Ристовски.

Тој додава дека во скопско Тафталиџе имаме сведочења како активисти кои се преставуваат дека се од СДС и кои нудат пари за гласање на граѓани. Сумите се движат од 3 до 5 илјади денари. Информации за директен поткуп.

-Во Крива Паланка имаме забележано случај на делење на зејтин и се изнесува од полициско возило, а за возврат се бара гласање за СДС. Во Струмица од вчера вечер во турското маало има две возила кои се на општината Струмица, а за кој нашите информации говорат дека одат од куќа на куќа нудејќи пари за да се гласа за СДС. Роднина на висок функционер на СДС и носител на државна функција, последниве денови буквално ги поминувал целосно во Турското маало. Во Крушево имаме забележано случаи каде се нудат дрва за огрев, а за возврат се бара да се гласа за СДС. Во Кочани беше приведен наш кандидат за советник без било какви докази, без било какви аргументи. Стигаат мноштво на информации за злоупотреба на полицијата во насока на заплашувања, притисоци, истакна Ристовски.

Тој рече и дека целта на оваа прес конференција  не е да ги информираме СДС затоа што очигледно тие се веќе активно вклучени во овие нерегуларности, целта на оваа прес конференција не е ниту да ги информираме претставниците на дипломатскиот кор и преставништвата на ОБСЕ и ОДИХР, затоа што тоа веќе го направивме со сите детали и информации со кои располагаме, целта ни е да ја информираме јавноста, да ги информираме граѓаните да не подлегнуваат на ова сценарио на СДС кое е производ на стравот и нервозата од изборниот пораз.

-Во отсуство на реакција од страна на државните институции ние како партија ќе се саморганизираме со народни стражи – гарант на демократијата и граѓанската волја. Тимови од ВМРО-ДПМНЕ се на терен и сите нарушувања и прекршувања на изборниот процес ќе ги документираат. Сите овие нерегуларности говорат дека СДС е во огромна нервоза, свесни дека не може да ја променат волјата на народот. Ова се чекори на очајни луѓе и луѓе во паника. Порачуваме сите нерегуларности, со сите нарушувања и прекршувања на изборниот процес сепак убедливо ќе бидат поразени и нема да успеат да ја променат и победат волјата на граѓаните. Граѓаните на 15-ти ќе ја испорачаат последната порака дека време е за новата ера. А за сето ова што го прават порано или подоцна ќе има одговорност и ниеден нема да биде поштеден, за сите нарушувања и прекршувања на изборниот законик. Причината за претстојниот изборен пораз на СДС ќе биде погубната политика на Заев и неговите најблиски соработници, катастрофалниот пад на економијата, понижувањата на националните интереси, лагите, арогантниот однос, дволичните политики. Казната за сето ова допрва пристигнува, потенцираше Ристовски.