Вести

Ракометарите на ГРК Борец со поддршка „За заедничка Македонија“

Велешката спортска гордост ГРК Борец застана зад граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Ракометарите кои пред само два дена постигнаа голем успех и обезбедија пласман во плеј оф по пауза од 13 години, вечерва порачаа дека не сакаат двојазичност, промена на грбот, знамето и химната.

-Пред само два дена го одигравме најзначајниот натпревар во оваа сезона, за некои тоа беше и најзначајниот натпревар во кариерата. Но, тоа немаше да биде така ако немавме заедништво. Заеднички се боревме, го оставивме срцето на терен и затоа го добивме посакуваниот резултат. На тој натпревар сплотени бевте и вие – публиката. Дојдовте во голем број, а за Борец навиваа не само Македонци, убеден сум дека во салата имаше од сите националности: Турци, Роми, Албанци и останати, рече Ивица Илиев капитен на ГРК Борец.

Дваесети ден по ред граѓаните на Велес рекоа дека сакаат Унитарна Македонија, а не бинационална држава.

И вечерашниот протестен марш на кој присувствува околу 2000 граѓани се движеше по иста маршута, од споменикот на Панко Брашнар до центарот на градот.