Вести

Протест во Куманово: Отворање на прашањето за двојазичност е велепредавство

Кумановци и вечерва се приклучија на граѓанскиот марш кој го организира граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и уште еднаш повторија дека се против воведување на двојазичност и промена на Уставот на државата.

kumanovo

Вечерва, кумановци се собраа од кај Спортската сала и поминаа низ булеварите и улиците во градот, со зурли и тапани ги повикаа граѓаните да им се приклучат во напорите за зачувување на унитарноста на државата.

Маршот заврши кај Центарот за култура, при што на присутните им се обрати, Иван Златковски, кој рече дека македонското прашање е затворено прашање и настанувањето на македонската држава е процес кој е завршен.

-Никој нема право да го отвара тоа прашање. Отворање на тоа прашање е велепредавство. Постојат институции кои мора да го применат кривичниот законик, бидејќи велепредавство опфаќа низа други кривични дела, секој кој тоа го прави мора да одговара во правна држава, рече Златковски.

Потсети дека за 25 години се случиле бројни измами, спинови, меѓу нив и, како што рече, „Пржински Чернобил“ кој произведе политичка криза која ја создаде опозицијата и меѓународни фактори.

-Платформа која не беше на избори, се појави и предизвика тешки последици во македонската јавност, рече Златковски.

Политичка платформа, рече тој, го руши унитарниот карактер на државатa и порача дека треба да се одбрани унитарноста. Тој му изрази поддршка на претседателот на државата, кој не му го даде мандатот на СДСМ.