Вести

Проштална средба на претседателот Иванов со чешкиот амбасадор Мирослав Рамеш

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана“ во Охрид, на проштална средба го прими амбасадорот на Чешката Република, Мирослав Рамеш.

Претседателот Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, го поздравил одличното ниво на политичките односи кои преку честите контакти на највисоко ниво, само го потврдуваат искреното пријателство и цврстото партнерство меѓу Република Македонија и Чешката Република.

Македонскиот претседател изразил благодарност за целокупната помош и поддршка која Република Македонија ја добива од Чешката Република во справувањето со мигрантската и бегалската криза, потенцирајќи го нивниот значаен придонес преку присуство на чешки полициски сили и опрема, со цел надзор и поефикасна заштита на нашата граница.

Во однос на реализацијата на македонските стратешки надворешно-политички цели, претседателот Иванов изразил уверување дека Чешката Република како докажан и принципиелен пријател и партнер ќе продолжи отворено да ја поддржува Република Македонија во аспирациите за членство во Европската унија и во НАТО.

Амбасадорот Рамеш истакнал дека за него било чест и привилегија да работи во Република Македонија, во однос на унапредувањето на односите и соработката меѓу двете пријателски земји. Чешкиот амбасадор нагласил дека заминува од Република Македонија со чувство на задоволство поради фактот што за време на неговиот мандат односите и соработката е подигната на повисоко ниво.

На средбата, претседателот Иванов изразил благодарност и за личниот ангажман на амбасадорот Рамеш. – Високо го ценам вашиот активен придонес во позитивниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Чешката Република и во успешната соработка во однос на мигрантската и бегалската криза. Вашиот ангажман заслужува искрена почит, нагласил претседателот Иванов, посакувајќи му успех во идните ангажмани.