Вести

Пречистителната станица во Волково вредна над 6 милиони евра е најсовремен објект и ќе биде пример за наредните

Комплетно е завршен проектот за пречистителната станица во Волково вредна над 6 милиони евра. При денешната посета на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и градоначалникот на општина Ѓорче Петров Сокол Митровски, овој објект беше окарактеризиран како најсовремен во областа на пречистителните станици и ќе биде пример за наредните кои ќе се градат во Македонија.

-Во 2008 година започнавме еден проект за градба на 2 пречистителни станици, една во Волково и една во Сарај. Целта беше прочистување на реката Вардар и секако на подземните води. Овој проект кој денеска го посетивме е завршен, пуштен во употреба во Волково и чини 6 милиони и 700 илјади евра. Готов е и проектот во Сарај и се чека техничко пуштање на тој проект. За проектот во Волково, 1 ипол милион се гранд на Словенечката влада, 1 милиони евра инвестираше Град Скопје, заедно со ЈП Водовод и општината Ѓорче Петров и останатите 4 милиони 200 илјади евра ги обезбеди Владата на РМ. Компанијата од Словенија уредно ја заврши својата работа. Инсталирана е најсовремена опрема и ова е моментално најсовремениот објект во Македонија во делот на пречистителни станици и објект кој може да биде пример за наредните, истакна Груевски при посетата.

Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Соња Лепиткова која го придружуваше во обиколката го информира Груевски и за идните планови и обезбедените донации за изградба на пречистителни станици и во општините Кочани, Македонска Каменица и Радовиш, по пат на кофинасирање од македонската Влада.

Андреј Иванц од комапнијата „Рико“ од Словенија, која го изгради објектот, истакна дека проектот во Волково може да послужи како добар пример на соработка меѓу Македонија и Словенија, посебно во областа на животната средина која има големо значење за иднината.

– Најголем придонес на овој проект е заштитувањето на подземните води и на водите коишто се користат како извори за вода за пиење, а има добро влијание и на останатите еколошки проекти како начин на соработка меѓу Словенија и Македонија  коишто сметам дека ќе се реализираат и во иднина, потенцира Иванц.

Пречистителната станица во Волково е со капацитет од 20.000 еквиваленти.