Вести

Тетово: Депонијата повторно гори и граѓаните се гушат во канцероген чад поради отпадот, а не поради затворениот Југохром- никаде ги нема Заев и Теута

Повторно гори депонијата во Тетово. Во периодот додека трае процесот за дислоцирање на тетовската депонија, во сметот повторно изби пожар. Пожарот се појавил синоќа, а утринава пожарникарни екипи се на терен каде се обидуваат да го локализираат.

Граѓаните кои живеат во близина велат дека бавно се одвива процесот на дислоцирање. Служби од комуналното претпријатие работат на собирање на отпадот само во прва смена. Прашуваат за која цел се поставени пожарникари да ја надгледуваат депонијата деноноќно, кога повторно пламна оган.

-Ништо од чистењето, ништо од чуварите. Со ова темпо ќе исчистат по шест месеци, и не е чистење, туку преместување од тука на место оддалечено еден километар. Ќе го релативизираат и пред избори ќе пратат 100 багери, па ќе се пофалат со прес конференција – велат жители на Тетово.

Граѓаните се загрижени со право бидејќи чадот е канцероген и опасен по нивното здравје. Дополнително се потврди дека причина за загадувањето на Тетово не е Југохром и покрај неговото затворање, а одговорноста мора да ја преземат Зоран Заев и Теута Арифи кои молчат за случајот.

Енормно загадување во Тетово од депонијата, се докажа дека Југохром не е причината и треба повторно да се отвори

Во Тетово во 10 часот денеска е забележано енормно загадување од 225 мг/м3 иако максималната граница е 50 мг/м3.  Тетово не памети вака големо загадување во лето, затоа што во летниот период секогаш е намалено загадувањето, а се зголемува во зимскиот период.

Југохром веќе со месеци е затворен, а околу 700 луѓе се испратени дома. Но, иако Југохром е затворен, загадувањето во Тетово е огромно поради постојаните пожари во депонијата.Градоначалничката Теута Арифи, ДУИ и СДСМ веќе со години не го решаваат овој голем проблем за граѓаните на Тетово, иако соработуваат во Советот на општина Тетово.

Премиерот Зоран Заев, министерот за животна средина Садула Дураку и неговиот заменик Јани Макрадули се уште не можат да најдат решение ниту за дивата депонија во Тетово, ниту за депонијата во Струга.

Тетовци револтирани на протест против дивата депонија, бараат оставка од Теута Арифи

Неколку стотини жители на Тетово денеска со протест го изразија своето незадоволство од, како што рекоа, неспосбноста и непреземањето мерки од страна на локалната власт по избувнувањето на вчерашниот голем пожар на дивата депонија што ЈКП Тетово ја користи како претоварна станица на влезот во градот кај железничката пруга што минува покрај силосите на Жито полог.

Протестот започна на градскиот плоштад за потоа присутните да се упатат пред општинската зграда каде фрлија кеси и полн контејнер со смет.

За време на движењето по градските улици и пред општината тие извикуваа Сакаме да дишеме, Еве ви го ѓубрето, а скандираа и Оставка и затвор градоначалничката Теута Арифи. По околу еден час присутните на протестот се разотидоа, но најавија дека со протестите ќе продолжат и утре.

Поранешниот директор на Центарот за јавно здравје, кој сега е пензионер, Џавид Фејзули посочи дека со палењето на дивата депонија хемиските материи од саметот претрпуваат промени и стануваат уште поотровни и канцерогени состојки што се шират низ целиот град.

– Очекувам дека некој од адвокатите присутни на протестот ќе поднесат кривична пријава против општина Тетово за загрозување на здравјето на населението. Човек може да не дише само околу 2 до 3 минути, но потоа мора да се дише. Овој отровен и канцероген воздух во Тетово го загрозува здравјето на сите стари, млади, деца, па дури и оние што не се родени. Ова значи зголемување на бројот на болни, но и проблеми со генетиката, изјави Фејзули.

Учесникот на протестот Дарко Гавроски ги наведе причините поради кои жителите на Тетово се незадоволни од досегашниот третман на сметот во градот.

– Дивата депонија на влезот во градот не е дива, туку е претоварна станица за отпад што 13 години ЈКП Тетово како дел од локалната власт ја користи. Како е можно таа со дозвола од локалната власт да работи на тоа место. Ако веќе е претоварна станица тогаш треба да биде уредена како таква со ограда и соодветна чуварска служба за да се избегнат можностите за палење на сметот, рече Гавроски.

До денешниот протест на граѓаните организиран преку социјалните мрежи дојде откако вчера, во текот на ноќта и утринава кога временските прилики погодуваа чадот од депонијата се ширеше и го прекриваше целиот град со голема смрдеа.

Протест на жителите на Тетово по саботниот пожар на депонијата

Жители на Тетово во организација на невладината Еко герила, денеска повторно протестираа на депонијата кај претоварната станица на влезот во градот. Според претседателот на Еко Герила Аријанит Џафери, протестот е поради големиот пожар што ја зафати депонијата во саботата.

-Би било тешко и кривично дело ако се покрене, сомневање дека оваа депонија била запалена за да се искористи како политичка арена за предизборни цели, каде што животот и здравјето на граѓаните на Тетово било загрозено за внатрепартиски и меѓупартиски позиции или за конфликти за валкани и сомнителни деловни интереси. Ние сметаме дека пожарот во сабота беше последица бидејќи причината е депонијата што е тука со години поради негрижа и незаинтересиранот на властите да ја отстранат, изјави Џафери.

Бараме, посочи тој, од надлежните институции да ги изведат пред лицето на правдата одговорните лица кои сериозно го загрозуваат здравјето и животот на граѓаните.

Џафери рече дека се задоволни од започнувањето на чистењето на депонијата, но и оти ќе продолжат со борбата за стекнување на правото за чиста животна средина, како и дека секојдневно ќе ги следат активностите за да бидат сигурни дека отпадот што ќе се отстрани од депонијата во Тетово ќе заврши на соодветна локалција и нема да предизвикува проблем на друго место.

По завршувањето на протестот пред влезот на претоварната станица помал дел од учесниците се упатија кон зградата на Општина Тетово и на влезната врата залепија налепници на кои беше отпечатен членот 218 од Кривичниот законик на Македонија, а што се однесува на загадувањето на животната средина и природата и којшто предвидува казна затвор од 4 до 10 години затвор за лицата што нема да се придржуваат кон прописите а со тоа влијаат врз здравјето на луѓето и средината.