Вести

Потпишан Договорот за изградба на новиот клинички центар во Скопје

Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров и претставници на компаниите Гранит, Бетон и италијанската ИНСО системи денеска го потпишаа договорот за изградба на нов клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Вредноста на договорот изнесува околу 72 милиони евра, а предвидува градежните работи да завршат во рок од 45 месеци од почетокот на градбата.

-Вредноста на договорот изнесува околу 72 милиони евра. Договорот предвидува градежните работи да завршат во рок од 45 месеци по почетокот на градбата. Постојниот клинички центар „Мајка Тереза“ е најголемиот здравствен комплекс во Република Македонија на површина од 17 хектари, кој се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 лица, истакна Тодоров.

Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе зафаќа простор од 46.987 метри квадратни, а ќе има и хелидром.

-Имајќи го предвид стратешкото значење на клиничниот центар за државата одлучивме да изградиме комплетно нова зграда со нето површина од 46.987 метри квадратни корисен простор и 6.416 метри квадратни проодни тераси и кровни градини и 531 метар квадратен хелидром. Објектот ќе се состои од едно подземно ниво, приземје, 9 ката и современ хелидром за трансфер на пациенти на десеттото ниво, потенцира Тодоров.

 

Вели дека за значењето на овој комплекс говори и фактот дека годишно минуваат повеќе од 800.000 пациенти.

Тој посочи дека на проектирањето на новите објекти и инфраструктура на клиничкиот центар четири години интензивно работеа тимови  проекти од италијанска компанија во соработка со меѓународни консултантски тимови составени од експерти од Шпанија, Германија, Грција и други западноевропски земји со целосна поддршка на Банката при Советот на Европа.

Тодоров по повод потпишувањето на Договорот посочи дека постојниот Клинички центар „Мајка Тереза“ е најголем здравствен комплекс во Република Македонија, а со изградбата на новиот клинички центар ќе бидат поставени нови стандарди за квалитет на здравствените услуги во Македонија.

 

-Некои луѓе сакаат нешто да се случи, други посакуваат тоа да се случеше, но оние вистинските прават тоа навистина да се случи. На овој проект јас и мојот тим работевме напорно и посветено. За цело време ја имавме полната поддршка од Владата и од премиерот, но овој проект не е само наш проект, ова е национален проект. Проект на државата Република Македонија. Здравјето не препознава политичка, етничка или каква било припадност и затоа најважно е овој проект целосно и навремено да се реализира со цел што е можно побргу придобивките од новиот клинички центар да ги имаат граѓаните и државата, порача Тодоров.

Новиот клинички центар ќе овозможи врвен третман на пациент и негово олеснето движење и удобност во рамки на објектите. Задоволени се највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност на зградите, објектите ќе бидат интегрирани и од аспект на современо автоматизирано и централизирано управување преку билдинг менаџмент систем, ќе се применува пневматски транспорт на биолошки материјал што досега воопшто го немаше во јавното здравство и бројни други најсовремени технологии при изградба на објекти од ваков тип.

Ова е проект на кој што многу долго работевме како Влада, кој се започна во време кога јас бев претседател на Владата и се проектираше, се бараа финансиски средства, се изведуваа сите процедурални работи во смисла на компанија која што ќе ги гради. И конечно денеска се потпиша договорот по долги и опсежни подготовки, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски при увидот на градежните работи на патниот правец Скопје – Куманово.

Тој посочи дека станува збор за објект кој ќе биде еден од најсовремените објекти во Европа во овој момент во делот на медицински установи.

-Во новиот објект откако ќе биде завршен ќе има и целосно нова медицинска опрема, медицински мебел и се што е потребно како попратна содржина на новиот објект на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, кој што е терцијално здравство и во кој што ќе бидат сместени 30 клиники. Станува збор за капитален објект. Објект од огромно значење за Република Македонија, потенцира Груевски.

Вели дека терцијалното здравство е проект кој што одамна се констатирало оти треба да се изгради.