Вести

Отворена осмата Школа за млади лидери

Школата за млади лидери е обука на успешните, затоа што со самото тоа што сте тука меѓу нас, вие сте тие што се најуспешни. Ние се обидуваме најуспешните да ги направиме уште поуспешни, затоа што во секое општество се неопходни луѓе кои водат, рече претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на отворањето на осмата Школа за млади лидери, што по негова иницијатива се одржува од денеска до 31 август во Охрид.

– Ви посакувам на оваа обука да ги осознаете сите вештини од овогодинешните предавачи, од луѓе кои зад себе имааат успешни кариери, кои направиле нешто и постигнале во животот и затоа се со нас. Ова е школа и обука на успешните, затоа што со самото тоа што сте тука меѓу нас, вие сте тие што се најуспешни. Ние се обидуваме најуспешните да ги направиме уште поуспешни, затоа што во секое општество се неопходни луѓе кои водат. Многумина, не знаејќи што се случува, ја поистоветуваат оваа школа со старите школи за политика. Нема тука политика. Тука има вештини за водење и раководење, за создавање на проекти за аплицирање на грантови и наоѓање решенија. За иновација и креација, рече Иванов.

На свеченото отворање се обратија и поранешниот претседател на Бугарската академија на науките д-р Стефан Воденичаров, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“ д-р Сани Шенер, претседателот на управниот одбор на „ЕВН Македонија“, Штефан Петер, деканот на колеџот Шварцман при Универзитетот Чингуа д-р Давид Пан, амбасадорот д-р Георг фон Хабсбург, и д-р Зоран Илиевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

На годинешната школа ќе присуствуваат вкупно 22 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европската унија, САД и Кина, кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на школата.

Меѓу предавачите на осмата Школа за млади лидери се и поранешниот претседател на Република Албанија, Реџеп Меидани, професорот на Вартон Школата при Универзитетот во Пенсилванија, д-р Ѓорѓија Петкоски, професорот на Универзитетот во Цирих, д-р Марко Штенберген, како и експертот за бизнис менаџмент и лидерство, Дејвид Голдсмит.

Предавања на школата, како што соопшти кабинетот на Иванов, ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Норвешка, Австрија и други земји.

иванов - школа за млади лидери 2017

Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов. Досега се организирани седум интензивни тренинзи за лидерство – во 2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015 и 2016 година. Идејата на Иванов, како што информираат од неговиот кабинет, е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Во изминатите седум години на школата учествуваа 280 млади луѓе и над 160 реномирани предавачи, меѓу кои поранешниот Генерален секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, Вацлав Клаус и Ваира Вике – Фреиберга, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија,  Борис Тадиќ, Георги Прванов, Петар Стојанов и Бамир Топи, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.