Вести

Осуди за поделбите на Македонците: И овие Егејци му ги нарушуваат мирот и соживотот на Трифун Костовски?

Остри реакции и осуди предизвика вчера изјавата на поранешниот скопски градоначалник и поранешен пратеник Трифун Kостовски, кој во гостувањето на ТВ „21“ им го одзеде правото на Македонците што потекнуваат од Егејска Македонија да ја бранат својата земја. Граѓаните ја осудуваат ваквата изјава на Kостовски, пишува Дневник.

Вчера на социјалните мрежи вриеше од осуди од Македонците и други граѓани.

Kостовски во споменатата емисија изјави:

– Говорникот што денеска е на сите протести за зачувување на Македонија е Македонец, кој потекнува од егејскиот дел на Македонија. Зошто не оди да ги брани правата на Македонците во Грција? Овде каде што јас сум роден, на овие терени со моите Албанци заедно, овде ме доведоа на работ јас да немам соживот – истакна Kостовски на ТВ „21“.

Неговата изјава се однесуваше на Борис Дамовски, еден од организаторите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Дамовски на завчерашниот протестен марш во Скопје на граѓанската иницијатива за изјавата на Kостовски рече:

-Вчера едно срце тетовирано, поранешен неуспешен градоначалник на овој град, н`раздели нас Македонците, на онакви и овакви, некои Македонци биле помалку вредни да се грижат за оваа земја. Јас мислам дека сите што сме тука собрани и низ цела Македонија, знаеме како да ја браниме нашата држава, нашата Македонија и нема да дозволиме ниту еден медиунски спин ниту еден неуспешен пејач, да го раздори ова ткиво – изјави Дамовски.

Се бореа и загинаа за Македонија

Во продолжение еве само некои личности од историјата на македонскиот народ, од илинденскиот период и од Народносолободителната борба, кои потекнуваат од егејскиот дел на Македонија, кои, според „теоријата“ на Kостовски, би требало да му го нарушуваат мирот и да го носат на работ на несоживот:

Гоце Делчев, роден во Kукуш во 1872 година, македонски револуционер, апостол и идеолог на македонското национално-ослободително револуционерно движење

Димитар Влахов, роден во Kукуш во 1878 година, македонски национален деец, политичар и државник, еден од основачите на ВМРО (Обединета)

Васил Чакаларов, роден 1874 година во Смрдеш, Kостурско, македонски револуционер, војвода и член на Македонската револуционерна организација

Kрсте Петков Мисирков, роден во село Постол, Воденском во 1885 година, македонски национален идеолог, борец за македонската национална самобитност и основоположник на македонскиот литературен јазик

Митрополит Теодосиј Гологанов, роден во 1846 година во Трлис, Серско, македонски национален деец и поборник за обновување на Охридската архиепископија и за создавање на македонската национална држава

Лазо Трповски, роден во Д’мбени, Kостурско, во 1901 година, еден од организаторите на НОБ на македонското население во Егејска Македонија

Мирка Гинова, родена во 1916 година во Русилово, Воденско, борец во Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција против монархофашизмот. Таа е првата жена стрелана во Грција од политички причини

Лазо Ангеловски, роден во село Граждено во 1925 година, борец за македонските права, стрелан во 1948 година во Лерин од тогашните грчки власти

Анастас Ташко Kараџа, роден во 1914 година во Д’мбени, Kостурско, македонски револуционер од егејскиот дел на Македонија, затворан и интерниран од режимот на Метаксас. Осуден и стрелан во Солун