понеделник, 21. мај 2018. Вести денес: 128
home Вести

Османи оствари средба со дипломатските претставници на земјите членки на ЕУ

Османи оствари средба со дипломатските претставници на земјите членки на ЕУ

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи попладнево оствари средба со дипломатските претставници на земјите членки на ЕУ задолжени за Западниот Балкан.

По средбите во Европската комисија утрово, Османи се сретна и со дипломатите од Советот на ЕУ, кои исто така ги информирал за текот на реформите во Македонија, како и за другите политички прашања, како што е спорот за името со Грција, но и политичкиот дијалог со опозицијата.

Македонски дипломатски извори за МИА изјавија дека средбата поминала во „многу позитивна атмосфера“.

Најголема поддршка за старт на преговори искажале шпанскиот и италијанскиот претставник, велат изворите на МИА.

Ова е последна дипломатска офанзива од македонска страна пред затворањето и објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на 17 април, и прилика за македонската страна да ги изложи своите аргументи за добивање неусловена препорака за старт на преговори со ЕУ.

Османи по средбите во Европската комисија објасни дека времето кое преостанува е кусо.

– Извештајот се затвора на 21 март и имаме уште неколку дена за испорачување мерки, за да влијаеме, потенцира Османи.

Со претставниците на ЕК утрово се разговарало за планот 3-6-9, кој Османи смета дека се наоѓа во „напредната фаза“. Тој додаде дека рокот за завршување на делот 9 е 17 април кога и конечно се затвора извештајот.

– Тоа што е останато како задоцнета мерка е делот од пакетот мерки кои се преговараат меѓу власта и опозицијата. А тоа е делот за правосудството, законот за заштита на сведоци, законот за судови, законот за Судски совет. Делови кои бараат двотретинско мнозинство. Законот за заштита на сведоци не бара двотретинско, но бидејќи е сензитивен сакавме да ја вклучиме опозицијата. Потоа безбедносните служби исто така се дел од разговорите со опозицијата, формирањето на ОТА, законот за финансирање на политичките партии, и изборната реформа е дел исто така. Има првичен договор да се врати старото решение, но долгорочните планови е ДИК да стане професионално тело, а политичките претставници да се вклучат шест месеци пред секои избори, изјави Османи за МИА.

Вицепремиерот им порачал на неговите соговорници дека за спроведувањето на духот на реформите е од голема важност да се одржи европската перспектива.

– Колку е појасна перспективата, толку луѓето се однесуваат повеќе согласно тие стандарди. Политичката криза ни се случи како резултат на бледнеењето на перспективата, изјави Османи.

МИА