Вести

Нов повик од Вашингтон да се испита работата на амбасадата во Скопје

Американци за даночни реформи (АТР), една од водечките конзервативни организации во САД, објави текст за истрагата која се врши за политичките злоупотреба на програмите за развој во Македонија.

Преку соопштение, АТР ги информира своите членови дека група конгресмени и сенатори предводени од Мајк Ли и Тед Круз побарале од државниот секретар Рекс Тилерсон да изврши истрага за начинот на кој амбасадата и мисијата на УСАИД се доделувале американските грантови за невладини организации во Македонија, при што значителен дел од грантовите и биле давани на крајно левичарската Фондација Отворено Општество Македонија на Џорџ Сорос.

“Доколку овие обвинувања се точни, тоа значи дека УСАИД им давал пари на организации на Сорос кои поттикнувале политички безредија во Македонија и во други балкански држави. Ова е пример за расипничко и деструктивно трошење на јавни средства од страна на УСАИД кое ги поткопува меѓународните правила за дипломатско однесување и суверенитет на државите, и тоа на сметка на даночните обврзници. Нема никакво оправдување зошто американските даночни обврзници и компании би требало да издвојуваат пари за финансирање на политички активисти во Македонија. Во фискалната 2017 година се предвидени 50,1 милијарда долари за Стејт Департментот и УСАИД. Ни цент од овие пари не смее да се употреби за мешање во внатрешните политички прашања на Балканот”, пишува во соопштението на Американци за даночни реформи.

Оваа организација, предводена од десничарскиот активист Гровер Норквист, има исклучително високо ниво на влијание во владејачката Републиканска Партија и преку своите редовни состаноци ја диктира агендата на конзервативците во Вашингтон. Организацијата АТР е препознатлива по нејзиното инсистирање да се намалат како даноците така и расходите на државата и од сите конгресмени бара да потпишат своевидна заклетва кон даночните обврзници со која се обврзуваат дека ќе гласаат да се намалат даноците и државните расходи. Безмалку сите конгресмени од владејачката Републиканска Партија се потписници на “заклетвата” на АТР, како и дел од демократските конгресмени. Гровер Норквист го поддржа изборот на Доналд Трамп за претседател рано во неговата кампања а неодамна го поддржа и првиот предлог буџет на претседателот велејќи дека со него ќе се загарантира економскиот развој на САД и втор мандат за Трамп како претседател. Во предлог буџетот на претседателот Доналд Трамп се бара драстично да се скратат токму средствата за странска помош кои се делат преку Стејт Департментот и УСАИД, и овие пари да се пренаменат за воени цели.

“Од 2012, УСАИД додели поголем број грантови вредни 5 милиони долари на Фондацијата Отворено Општество, која потоа овие пари ги раздава на 61 нивна подружница. Во 2015 година, УСАИД ја именуваше Фондацијата Отворено Општество Македонија за еден од нивните главни партнери во регионот и и додели уште 9,5 милиони долари на оваа органиација”, пишува во соопштението на АТР во кое се наведува дека со овие средства се вршел обид да се влијае врз политичката состојба во Македонија во полза на левичарските партии и организации, а на сметка на десно-ориентираните партии.

“Македонија не е единствената балканска држава во која парите на американските даночни обврзници се издвојуваат за организации на Сорос. И во Албанија, Фондацијата Отворено Општество добивала вакви грантови за време на администрацијата на Обама, и тие исто така биле употребени за политички цели, во обид да се протуркаат реформи во судството со кои левичарската Влада во целост би воспоставила контрола врз судството”, се додава во соопштението на АТР.

Освен од членовите на Конгресот, повик за испитување на работата на американската амбасада во Македонија и мисијата на УСАИД дојде и од водечката конзервативна фондација Херитиџ, додека организацијата Џудишал Воч поднесе барања за пристап до комуникацијата на амбасадорот Џес Бејли со организациите на Џорџ Сорос во Македонија, со цел да изврши увид во начинот на кој се доделувале грантовите.