Вести

Ниските температури им се закануваат на овошките

Студот им се заканува на земјоделците. Температурите, особено утринските, кои во наредните денови ќе се спуштат и до минус четири степени, може да им наштетат на овошките и на виновата лоза, предупредуваат агрометеоролозите.

ovoski

Критично е во сабота. Треба да дојде до разведрување низ цела Македонија што, според метеоролозите, ќе значи постудено време, и се препорачуваат мерки за заштита.

Температури до минус четири степени, во фаза на развој на земјоделските култури можат да имаат катастрофални последици. И само половина степен под нулата може да предизвика штети кај овошките со формирано плод или кај овошките и виновата лоза на почеток на вегетација со појава на првите листови и цветови.

Мерките за заштита се препарати против мрзнење со продолжено дејство кои може да се користат и кога има само по неколку часа сонце дневно.

Потоа класичното зачадување со палење растителни одпадоци или оросување со вештачки дожд додека температурите се негативни, односно два часа пред и после изгревање на сонцето, додека не се стопли времето.

Проблем може да има и во градинарството на отворено, или кај покриените култури ако просторот не е добро заштитен.

За есенските посеви промената на времето не е критична.