недела, 23. септември 2018. Вести денес: 67
home Вести

Нетпрес: Полицаец отпуштен од МВР станал советник на Спасовски

Нетпрес: Полицаец отпуштен од МВР станал советник на Спасовски

Поранешен припадник на МВР, кој бил отпуштен од работа од полицијата поради недисциплина, пред извесен период повторно бил вработен во министерството и тоа како советник на министерот Оливер Спасовски, дознава „Нетпрес“.

За само неколку дена ова е втор скандалозен случај во МВР поврзан со советниците на Спасовски.

Порталот дознава дека станува збор за Љубиша Р. од Куманово, поранешен полицаец вработен во Регионалниот центар Север.

Извори на Нетпрес велат дека тој бил отпуштен од министерството поради недисциплина, односно Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди утврдил дека неоправдано отсуствувал од работа три дена.

Од МВР не демантираа, ниту потврдија дека Љубиша Р. е еден од советниците на Спасовски.

-Лицето за кое прашувавте, односно Љубиша Р. од 6 февруари е вработен во Министерството за внатрешни работи, согласно законот за внатрешни работи и не постои никаква законска пречка за неговото вработување, велат од МВР за Нетпрес.

Во меѓувреме, трае истрага како советникот Д.С., кој беше приведен во петокот, ја компромитирал истрагата против лице кое било под посебни истражни мерки, одавајќи му информација дека е предмет на истрага.

Како што вчера пишуваше „Нетпрес“, советникот Д.С., кој е осомничен за оддавање на службена тајна, непречено си ја извршува функцијата, иако истражните органи не утврдиле како дошло до истекување на информациите па осомничениот може да го повтори делото.

За познавачите на структурата во МВР е јасно дека Д.С. не можел и не смеел да има пристап кон информациите кои ги обелоденил на осомниченото лице и на тој начин ја компромитирал истрагата. Независно од тоа, МВР не го суспендирал советникот, а ниту обвинителството, кое не инистирало на притвор туку на мерки на претпазливост, побарало само забрана за преземање одредени работни активности што се поврзани со кривичното дело.