среда, 22. август 2018. Вести денес: 19
home Вести

МОН предвидува измени: Часовите да траат 55 минути, првачињата да имаат најмногу четири часа дневно

МОН предвидува измени: Часовите да траат 55 минути, првачињата да имаат најмногу четири часа дневно

Блага транзиција од семејството или градинките кон училиштето за да се развие љубов, а не фрустрација кон учењето, со оглед дека возраста на првачињата е од 5,8 до 6 години. Ова била главната идеја на работната група на Министерството за образование и наука при ревизијата на наставните планови и програми за прво одделение кои беа презентирани денеска на прес-конференција.

Помалку настава, а повеќе време за игра за учениците од прво до трето одделение, предвидуваат измените во основното образование. Часот да трае 55 минути односно 40 за учење 15 за одмор кој ќе го одреди наставникот.

Ќе се намалат тестирањата, а домашните задачи ќе се заменат со вежби на час. Ова се само дел од измените кои ги најави министерката Рената Дескоска.

– Се тргна со посебно внимание, не само на образовната компонента во овие три одделенија, туку и воспитната компонента којашто значи битен елемент во образовниот процес. Анализите што беа направени покажаа дека учениците се една од најоптоварените категории. Ако сите ние имаме лимитирано работно време, учениците времето го поминуваат на часови, а потоа нивните обврски продолжуваат и дома. Тоа резултираше со незаинтересираност, презаситеност и одбивност кон наставниот процес. Со реформите сакаме да им дадеме знаење, но и да го вратиме интересот и желбата за учење, рече Рената Дескоска, министер за образование.

Првачињата ќе имаат најмногу четири часа дневно. Природни науки и Општество ќе бидат споени во еден предмет кој ќе се вика „Светот околу нас“. Музичко и ликовно образование ќе биде еден предмет – „Уметност“.  Планиран е и посебен оддел за поддршка на талентираните ученици, како и за децата со послаб развој.

– Целта на промените е да се оди во длабочина, а не во широчина на знаењата и наместо меморирање и фактографија, да се види како детето размислува и заклучува, какви вештини се стекнати и какви вредности  се усвоени. Важни ни се креативноста и љубопитноста. Знаењето не е примарно, туку љубовта кон учењето и притоа ќе биде полабав пристапот  на наставникот кон ученикот. Основниот принцип со кој исправуваме грешка од минатото е со помалку да постигнеме повеќе, рече универзитетскиот професор Зоран Велковски.

На ваквите предлози, им претходат јавни дебати.