Вести

Митко Јанчев со фабрика за алкохолен дестилат – ќе го реши проблемот со откупот на грозје во Кавадарци и регионот

Митко Јанчев, кандидатот за градоначалник за Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ, во синоќешната емисија „Само вистина“ на Канал 5 го презентираше својот иден проект како градоначалник – Изградба на фабрика за алкохолен дестилат, со што ќе се реши проблемот со откуп на грозје во Кавадарци и поширокиот регион.

Според Јанчев државата треба да има и државни резерви за алкохолен дестилат и со тоа трајно ќе се реши проблемот со откупот и ниските цени што се јавуваат во одредени години.

– Имам проект за изградба на погон или фабрика за дестилат, што значи тоа дестилат. Хронолошки ако направите 10 годишна анализа, со тоа што лозовиот насад е повеќе годишна култура, не е едногодишна, таа е од прилика 20 годишна култура, хронолошката анализа кажува дека во 10 годишно анализирање на грозјето, вели дека имаме години кога ни фали грозје, имаме години кога имаме вишок грозје и имаме години кога имаме доволно грозје и се задоволуваат апетитите и на лозарите и винарите. Јас предлагам изградба на фабрика за дестилат, што значи дестилат, се што е вишок на грозје, како кога имаме година кога има вишок грозје, државата да мора да го откупи и да го преработи во дестилат. Алкохолниот дестилат има трајна употреблива вредност, потенцира Јанчев.

Тој дополни дека грозјето постигнува технолошка вредност и во една недела таа технолошка вредност мора да се сочува, со обработување на грозјето.

„Штом ќе го обработите треба да мислите во што го претворате, дали ќе го претворате во концентрат, дали во вино, ако имате заситност на вино и концентрат или имате година кога имате полошо грозје заради надворешни причини, тогаш го претворате во алкохолен дестилат, алкохолниот дестилат има трајна вредност, нерасиплива вредност и јас предлагам тоа да се претвори во државна резерва и кога има потреба државата на берза да го продава, кога нема потреба да си стои како државна резерва, вели Јанчев.

Според Јанчев како што имаме државна резерва на пченица, на гориво, треба да имаме и државна резерва на алкохолен дестилат. Тој потенцира дека тоа е трајно решение за лозарите.