Вести

Митев: СДС ја вклучи полициската станица Кочани во политичка кампања

Вчера видовме најгрубо кршење на демократските принципи кога кандидат за советник од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е приведен во ПС Кочани и му се запленети возилото, телефоните, како и списоци за измена на членови на избирачки одбор предложени од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин МВР се вклучи во политичката кампања на СДС. Ова е невиден скандал.

Ова денеска го изјави носителот на советничката листа во општина Кочани од ВМРО-ДПМНЕ, Лазо Митев.

-Приведеното лице се наоѓа на советничката листа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и во време на траење на политичка кампања му е оневозможено да врши агитација и посета на гласачи од врата на врата. Со користење на институциите на системот, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се става во нееднаква положба и се оневозможува презентирање на програмата на целосно легален и со закон предвиден начин, истакна Митев.

Посочи дека со одземањето на списокот се оневозможува ВМРО-ДПМНЕ да направи измена на именувани лица иако тоа е предвидено и дозволено со Изборниот законик.

-Лицето официјално е информирано дека е постапувано по анонимна пријава. Се сомневаме дека тоа е вистина и се прашуваме „Како може без никакви докази и по анонимна дојава да се постапува на таков начин?“. Како може да се постапува по пријава за кривично дело кое може да биде сторено само на денот на изборите во време кога се уште трае политичката кампања?, праша Митев.

Вели дека во текот на кампања не може да биде сторено кривично дело кое е кривично за денот на изборите.

-Убедени сме постапувањето е по политичка инструкција со цел одработување во последните денови од кампањата. Прашуваме: „Дали 6.000 денари кај татко и сопруг се поголема сума на пари и ако е тоа така дали да очекуваме апсење на пензионари кои можеме да ги видиме пред банките како ги земаат пензиите или апсење на било кој друг кој ја има оваа и слична сума кај себе. Дали СДС во Кочани воведува плаќање со бонови како во златното време на владеење на СДС?, праша Митев.

Тој исто така, праша и како може да му се дозволи на сопруг на кандидатка за советничка од СДСМ, да апси политички неистомисленици и да биде предводник на незаконско делување на полициската станица во Кочани.

-Како може да се дозволи ваква партизација на Министерството за внатрешни работи пред очите на целата јавност. Вклучувањето на полициската станица во Кочани во политичката кампања на СДС остави мрачна дамка на демократијата во Кочани и во Македонија. За ваква партизација и злоупотреба на институциите ние ќе бараме одговорност. За ова некој мора да одговара, а граѓаните ќе го казнат СДС на претстојните локални избори на 15 октомври, потенцира Митев.