Вести

Мирен протест пред МВР против полициска бруталност: Младите бараат одговорност од Спасовски и санкции за полицаецот

Поголема група млади лица вечерва одржаа мирен протест пред Министерството за внатрешни работи по повод вчерашниот инцидент во Струмица каде што полициски службеник рани две малолетни лица.

 

Триесетина млади протестираа против политичката бруталност и побараа одговорност од страна на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тие исто така побараа случајот во целост да се расветли и сторителот да ја добие заслужената казна.

-Ние младите не сме топовско месо, ние сме иднината на државата, ние ќе ја градиме, браниме, чуваме и живееме слободно во неа. Ништо од ова ако згасне животот, најстрашно ако тоа се млади и деца. Остро ги осудуваме вчерашните настани во Струмица каде полицајци пукаа во малолетни лица, наши врсници, на некого другари и роднини. Полициската униформа треба да биде симбол за безбедност и сигурност на граѓаните. Полицијата и полициските службеници треба нас да нѐ штитат, а не да пукааат во нас. Според информациите во јавноста не било извадено никакво оружје од страна на малолетниците ниту пак била загрозена безбедноста на полицајците, вели Марко Велковски.

Тој истакна дека се работи за сериозно кривично дело и бараат соодветно извршителот на делото да биде законски санкциониран.

-Затвор за полицискиот службеник. Ваквото однесување доколку соодветно не се санкционира во иднина ќе предизвика многу жртви меѓу кои може да биде секој од нас.
Оваа е полициска бруталност. Ова не смее да се повтори, во прашање се млади човечки животи, додава Велковски.

Инаку се уште нема официјални информации од Клиничкиот центар, од КАРИЛ за состојбата на едно од ранетите момчиња. Од КАРИЛ не даваат точна информација за состојбата во која се наоѓа 17 годишното момче кое беше рането од полициски службеник кој пукал со службениот пиштол.