Вести

Минов: За четири години го сменивме ликот на Карбинци, имаме уште многу проекти за урбанизација на општината

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска заедно со кандидатот за градоначалник од партијата за Општина Карбинци, Зоран Минов, беше во посета на селото Таринци. Минов кажа дека Карбинци во изминативе години е пример како Зоран Минов и како работи ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.

 

-За четири години се смени ликот на општината, не сакам да повторувам што се е направено и колку е изградено, зошто вие самите знаете како беше пред четири години, како е сега. Најважно за секој градоначалник е кон крајот на мандатот да се сврти позади себе и да види што направи, што сработил и како неговото работење влијаело на развојот на општината, изјави Минов.

Тој напомена дека мандатот му го дале граѓаните, зошто имал јасна визија за иднината на Карбинци, напишана во вид на развојна програма.

-Со гордост и чист образ стојам пред вас и тврдам дека над 90 проценти од таа програма ја исполнив успешно, имплементирав 183 проекти, при што се вложени средства од 290.855.905 денари или 4.721.722 илјади евра. Изградени се 40 километри патишта, од кои 20 километри земјени патишта и 20 километри асфалтирани патишта, изјави Минов.

Тој зборуваше за уште многу проекти кои се реализирани во Карбинци, како што се образованието, водоснабдувањето, социјалата, детската заштита, од областа на спортот.

-Само на ваков начин се сака Општина Карбинци, само со инвестиции и подобрување на животните услови се оди напред. Поради ова што досега го кажав, мислам дека имам кредибилитет од вас граѓаните да барам нов мандат. Мислам дека мојата посветеност и непосреден контакт со сите жители на Општина Карбинци ми дава право да мислам дека сум во предност пред мојот противкандидат од СДСМ, изјави Минов.

Тој кажа дека тој позади себе има проекти, за разлика од противкандидатот кој има само празни ветувања. Тој кажа дека има големи проекти за урбанизација на Општина Карбинци.