среда, 17. октомври 2018. Вести денес: 48
home Вести

Мицкоски: Очекувам до крајот на овој месец, евентуално средината на февруари да заврши процесот за промена на статутот на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски кажа дека изборот на лидер не е дел кој треба да се менува во статутот, тој секако е демократски според него.
Мицкоски: Очекувам до крајот на овој месец, евентуално средината на февруари да заврши процесот за промена на статутот на ВМРО-ДПМНЕ

Во вечерашното интервју на телевизија Телма, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кажа дека промената на статутот на партијата има еден претходен процес, а тоа е процес кога мора да имаме одредена навигација, во кои делови и што сакаме да промениме во статутот.

-Вие не можете да влезете во една авантура, да менувате во статутот поедини делови ако не знаете кој ќе биде резултатот на крај и што ви е на вас навигацијата во сето тоа. Поради тоа ние во изминатиов период, успеавме да добиеме статут и на неколку наши сестрински партии од Германија, Австрија, Франција, од соседството, Хрватска, Словенија, соседна Србија и Бугарија, уште неколку статути. Истите тие се анализираат, работни групи и статутарната комисија работат на изедначување на она што се вели наша желба и она што е реалност, изјави Мицкоски.

Мицкоски кажа дека изборот на лидер не е дел кој треба да се менува во статутот, тој секако е демократски според него.

-Суштината е како ние структурите во пониските нивоа од партијата, како општинските комитети бидат избрани на директни, на непосредни избори од страна на членовите на партијата. Така што, можеби ние тука би интервенирале за да го зголемиме нивото односно демократскиот капацитет за избор на партиските функционери во општинските комитети ширум Македонија. Можеби тука би интервенирале, бидејќи гледаме дека сестринските партии во таа насока го гледаат начинот на избор на претседателите на општински комитети, тие различно се викаат во различни држави, изјави Мицкоски.

Тој напомена дека тука ја гледа потребата за менување на статутот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Просецот трае, не е завршен, очекувам да заврши крајот на овој месец, евентуално средината на февруари. Јавноста ќе биде запознаена со сите статутарни измени, во кој дел е интервенирано. ВМРО-ДПМНЕ во минатото беше пионер на сите иновации што се однесуваат на политичката сцена, еве прва партија која што целосно влегува во едно зголемување на демократскиот капацитет на тој документ. Така што, мислам дека треба да бидеме пример и останатите политички субјекти да го следат тој пример, а ќе имам една јавна презентација пред вас новинарите, еден брифинг, чисто да се знае во кој дел ние имаме интервенирано, изјави Мицкоски.